Економија Охрид

Започнува Taste Ohrid 2018

Охрид, 12. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охрид од денес ќе биде домаќин на вљубениците во планинските спортови и одличната храна, како дел од манифестацијата Taste Ohrid 2018, која ќе се одржи од 12-ти до 14-ти октомври на повеќе локации во градот.

Италијанскиот шеф со Мишелин ѕвезда, Џорџо Дијана, за прв пат ќе гостува во Македонија, а честа да ги пробаат неговите специјалитети ќе им припадне на сите оние кои ќе бидат дел од специјалната вечера во ресторанот на Su Hotel во сабота, на 13-ти октомври.

Меѓу другите гостински готвачи кои ќе ја збогатат гастрономската понуда се и српскиот шеф Ѓорѓе Крстиќ, романскиот шеф Раду Зарнеску и македонскиот шеф Дејан Карапеев. Како дел од програмата е предвидена обука на локалните готвачи на Факултетот за Туризам и Угостителство – Охрид, Гала вечера и презентација и дегустација на разни локални и морски специјалитети за посетителите на фестивалот.

Покрај светските специјалитети кои ќе бидат понудени на дегустација за посетителите на Taste Ohrid, интересна за посетителите ќе биде и понудата на реинвентирани македонски традиционални рецепти. Имено, користејќи локални производи локалните шефови Давид Санџакоски и Никола Ангелкоски, ќе приготват нови вкусови за бесплатна дегустација на „After Work Sunset Party”, со почеток од 17:00 часот пред Su Hotel во петок, на 12-ти октомври.

Покрај гастрономската понуда на фестивалот, ќе бидат понудени содржини и за љубителите на адреналинските спортови и планинскиот туризам, па во рамките на спортскиот дел од фестивалот посетителите ќе можат да уживаат во прекрасните предели на националниот парк Галичица и Охридското Езеро преку организираните тури за велосипедизам.
Секако, покрај гастрономското уживање и  спортските активности во текот на денот и попладневните часови, вечерните часови се резервирани за добрата забава и дружење, а за таа цел ќе бидат организирани забави низ повеќе локални барови и ноќни клубови во Охрид.

Настанот „Taste Ohrid 2018“ е организиран од Општина Охрид и ЕДЕН – туристички кластер за југо-западна Македонија, а поддржан од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост.

Повеќе информации и пријавување за велосипедските тури на веб страната www.tasteohrid.mk. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива