Избор Охрид

Никола Буџакоски од Охрид на 22 години во Минхен ќе усовршува роботски раце во операционите сали

Охрид, 15. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Има само 22 години, роден е во Охрид, дипломира во Скопје на Факултетот за електротехника и информациски технологии со просек 9,53 и деновиве ги почнува магистерските студии по биомедицинско програмирање на Техничкиот универзитет во Минхен (ТУМ).

Никола Буџакоски од Охрид е инспиративен млад човек кој сака да го употреби своето знаење и да го смени секојдневието на луѓето во една од најважните сфери во постоењето на секој човек – здравствениот систем. Во интервју за порталот fakulteti.mk вели дека ФЕИТ е маратон кој не се трча спринт. Бара подготвеност, истрајност и континуираност. Ова е неговата приказна.

Што Ве предизвика да се запишете на Факултетот за електротехника и информациски технологии, со оглед на тоа што станува збор за еден од најтешките факултети во Македонија?

– Голема улога во мојот избор одигра фактот дека техничките факултети ги отвораат вратите за пласман на вашиот труд, капацитет и знаење надвор од границите на оваа држава. Да соработувате и да работите со научници од светот, и можеби еден ден да станете големо име во тие научни кругови. Сиот прогрес кој се случува во светот денес се должи токму на експерименталните идеи на студенти кои доживеале соодветна реализација. Факт е дека технологијата го олеснува секојдневниот живот и нè носи кон една подобра иднина. Едноставно, сметам дека техничките науки дозволуваат преку нашите замисли да го креираме светот кој сѐ уште не го познаваме. Реченицата: „Еден од најтешките факултети“ сама по себе означува предизвик. А јас обожувам предизвици.

Зошто ја избравте токму Катедрата за компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика?

– Да бидам искрен, во тој момент не знаев. Сакав да учам нешто што е поврзано со применета математика. Тогаш првпат се запознав со зборот автоматика. Бидејќи немав кого да прашам, пребарав на интернет за да видам што всушност тоа подразбира. Тоа многу ми помогна. Секој иден студент треба да пребара надвор од страните на факултетите, за да види, да чуе искуства од студенти и универзитети надвор од земјата. Така барем ќе добијат некоја појасна слика што одбираат. Видов дека автоматиката во комбинација со роботиката дава слика за нешто футуристичко. Затоа одбрав насока која е просперитетна, дава можност да се учи нешто што е неизоставен дел од иднината и отвора можности за работа во повеќе области. Сега кога ќе се вратам наназад, многу сум благодарен за тоа мало истражување што ме однесе во вистинската насока.

Зошто го избравте токму биомедицинското програмирање?

– Тргнав од сопствените животни случки. Сакам моите знаења да ги употребам, да ги вложам во нешто што ќе го менува секојдневието на позитивен начин. Сведоци сме на разни апликации кои на некој начин го подобруваат нашето постоење, но ако не ги лоцираме најважните проблеми на човештвото, тогаш сме потфрлиле како инженери. Сметам дека ние, инженерите, треба да се насочиме кон решавање на проблемите во една од најважните сфери во постоењето на секоја индивидуа – здравството и здравствениот систем. Би сакал да работам на подобрување, усовршување и интегрирање на роботските раце во операционата сала. Така би се подобриле постојните операции и би се надминале грешките што се јавуваат поради замор или треперење на раката на докторите. Телеоперацијата и креирањето глобален облак за дијагнози се области во кои исто така би сакал да учествувам. Биомедицинското програмирање, кое се темели на математика, програмирање, процесирање на слика и машинско учење, е млада, перспективна, футуристичка, иновативна наука, која сѐ уште се развива, но дава простор сопствените идеи да се интегрираат во креации кои можеби ќе станат неизоставен дел од здравствениот систем. Нејзината интердисциплинарност е само доказ за комплексноста, која зборува за предизвиците што ги носи, па затоа ја одбирам за моја идна професија.

Каде се гледате себеси за десетина години? Ви нуди ли Македонија предизвик да се вратите тука и да работите во некоја од нашите институции?

– Она што го научив досега е да не бидам скромен во своите замисли за иднината. Колку повисоко целам, толку поголеми работни обврски си задавам себеси, а со тоа работата ја завршувам попосветено и секојдневно се надградувам. Сакам со секое ново утро да се справувам со предизвици, а не работата да ми биде досадно рутинско повторување на веќе видени работи. Сакам иновација, сакам напредок, не би сакал мојата кариера да доживее точка на сатурација, од која ќе нема следно ниво. Сакам да се движи по една нагорна линија и да биде ставена во функција на науката и подобрување на животот на обичниот човек. За 10 години се гледам пред сѐ како доктор на науки, најверојатно во областа на биомедицинското програмирање. Искрено би сакал да започнам сопствен старт ап, кој се надевам би прераснал во компанија која би се проширила во светски рамки. Сметам дека имам доста идеи кои би добиле соодветна реализација, а исто така начинот на кој знам да се справам со критика, тимската работа, лидерските способности, менаџментот на времето и насоченоста кон иднината и сопствените цели би придонеле за успешна реализација на таа моја замисла. Секако, со секоја секунда сѐ се менува и не можеме да знаеме каде ќе нè однесе животот. Себеси се сметам за дете на светот бидејќи обожувам да патувам, така што не би се врзал за одредена држава. Македонија, Германија, САД, можеби некоја сосема нова локација, кое било место што ќе донесе авантура, предизвик и секако нов пазар за да се пласира она што јас сум го замислил. Дали би се вратил во Македонија? Да, ако зборуваме за развој на сопствен бизнис. Да бидам искрен, засега не се гледам себеси, ниту мојата кариера, во која било институција во Македонија. Од тоа што моментално се нуди, апетитите за мој професионален развој не се задоволени таму. Затоа одбирам кариерата да ја продолжам надвор од нашите граници.

Комплетното интервју ОВДЕ. (Крај)

извор: fakulteti.mk фото: fakulteti.mk