Избор Македонија Охрид

Единаесет години од трагичната смрт на Тоше Проески

Скопје/Крушево, 16. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Денес се навршуваат единаесет години од прераната смрт на македонската музичка легенда Тоше Проески.

Тој загина околу 06:20 часот во сообраќајна несреќа на автопатот кај Нова Градишка, Република Хрватска. Џипот со кој што управуваше пријателот на Тоше, 32-годишниот Ѓорѓи Ѓорѓевски, поради неприлагодена брзина и премалото растојание помеѓу возилата, удри во приколката на камионот кој што се движел пред нив, при што страната на совозачот, каде што седел Тоше, заврши под приколката на камионот.

Тоше имаше само 26 години. Во својот краток живот остави ноти и зборови, но најмногу остави надеж дека она човечкото во нас не е изгубено и дека можеме да бидеме едно само ако посакаме.

Роден е во Крушево каде и го завршува основното училиште. Љубовта кон музиката го носи во клупите на средното музичко училиште во Битола, а подоцна на Факултетот за музички уметности во Скопје.

Како и во изминатите десет години, маратонци од повеќе градови од Република Македонија во чест на Тоше ќе трчаат маратон и денеска напладне треба да стигнат во Крушево на неговото вечно почивалиште.

Оваа година, на 5-ти октомври не се одржа манифестацијата „Ѕвездено небо за Тоше“ која фановите на Тоше во изминатите десет години ја организираа на плоштадот „Македонија“ во спомен на неговиот последен и хуманитарен концерт што го одржа на 5-ти октомври 2007 на Градскиот стадион. „Ѕвезденото небо“ не се одржа зашто се подготвува голем концерт посветен на Тоше на втори номеври, со настап на пејачи од Балканот. На концертот треба да биде промовиран и албум со необјавени песни од Тоше Проески, насловен „Secret place”. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива