Избор Локална самоуправа Охрид

ОУТУ „Ванчо Питошески“ го одбележа патрониот празник

Охрид, 18. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во просториите на ОУТУ „Ванчо Питошески“, денес се одбележа патрониот празник на училиштето.

Градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски во своето обраќање им го честита патрониот празник на професорите и учениците и им посака да продолжат да нижат успеси како и до сега.

Во рамки на одбележувањето, во просториите на училиштето беше приреден свечен коктел и културно-уметничка програма подготвени од учениците.

Идејата за отворање на угостителското училиште во Охрид се појавила уште од втората половина на 1949 година. Имајќи ги во предвид природните услови крај брегот на Охридското Езеро и културно-историското наследство, туристичките работници од Охрид уште од порано го имаа согледано проблемот со стручни кадри од областа на туризмот и угостителството, кои ќе можат со успех да се носат со проблемите од оваа дејност. Во јули 1953 година се формира посебно одделение кое работело по наставен план на четиригодишното училиште со што четвртата година би послужила за специјализација во угостителската струка. Од 20-ти март 1973 година училиштето е овластено да изведува испити за сите занимања од угостителска насока. Од 8-ми декември 1990 година се верифицира образовен профил-туристички техничар од четврти степен. Од 3-ти ноември 1992 година е верифицирана образовната дејност од петти степен на стручна подготовка, за образовниот профил: келнер-специјалист, готвач-специјалист и слаткар-специјалист.

Денес училиштето е пример на образовна инстутиција од каде произлегуваат квалитетни кадри оспособени за работа во услужниот сектор, како и кадри со можност да го продолжат своето високо образование на некој од универзитетите. Практичните и теоретските знаења кај учениците се проверуваат и преку организирање на пракса која трае 20 дена во текот на летниот период. Во рамките на образовниот систем на Република Македонија, во согласност со глобалните напори за заштита на човековата средина на Земјата, особено внимание се посветува и на одржување на еколошки чиста човекова средина. ОУТУ „Ванчо Питошески” од Охрид, со повеќе активности е интегрирано во еколошкиот образовен систем.

ОУТУ „Ванчо Питошески“ од Охрид има учествувано на повеќе натпревари и манифестации во земјата и во странство, каде има и освоено повеќе поединечни и групни признанија и награди. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење