Избор Охрид

Настески: Успехот во лекување на многу деца во клиниката во Вурзбург е причината поради која веруваме во нив

Охрид, 19. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓани веќе започнаа да се организираат за собирање средства за лекување на 15-годишната Сара Настеска од Охрид, кај која е дијагностицирана болеста Anemia Аplastica и која мора да замине на операција.

Станува збор за болест која ја напаѓа коскената срж и не дозволува правилна регенерација на крвта во организмот, а трансплантацијата на коскената срж е единствениот спас за малата Сара.

Болеста кај девојчето е утврдена на почетокот на месец август, а дијагнозата е потврдена со итна биопсија која е направена во Скопје, вели таткото на Сара, Горан Настески.

– На Универзитетската Клиника за хематологија во Скопје беше земен примерок коскена срж од пределот на карлицата. По утврдување на болеста, следуваше тромбоцитна терапија, со која имаше значително подобрување на здравствената состојба, што не траеше долго. На почетокот на овој месец повторно ѝ беше направена биопсија, која покажа резултати полоши отколку првата. Нашиот син Виктор има 13 години е единствен сроден донатор на коскена срцевина за неа. Во сите странски земји, третманот и лечењето на овој проблем на оваа возраст, спаѓа во рамка на специјализираните детски клиники, вели Горан.

Родителите со резултатите веќе се обратиле и воспоставиле контакти со познати клиники во Турција, Хрватска и Германија. Добиле понуди од Дизелдорф, Франкфурт, како и од специјализирана клиника во Вурзбург, од каде гарантирале висока успешност со низок ризик.

– Успехот кој е постигнат во лекување на многу деца, меѓу кои и едно од нашата земја, на иста возраст и со иста дијагноза како Сара е причината поради која веруваме во нив, рече Горан.

За да се изврши оперативниот зафат на трансплантацијата на коскената срж потребни се над 200 000 евра, пари што родителите не можат сами да ги обезбедат. Сите кои се во можност можат да помогнат со уплата на средства на следната жиро сметка: 200 001557959672 – Горан Настески, депонент Стопанска банка, а наскоро ќе бидат отворени и броеви за донации.

donacii stranstvoВо меѓувреме во најава се и бројни активности и акции за собирање средства за операцијата на Сара.

Супер радио во знак на поддршка до крајот на ноември ќе обезбеди рекламен простор на сопствената програма и на информативните портали за сите компании кои ќе сакаат да помогнат во висина на донираниот износ. Сите заинтересирани можат да се јават на телефонот 046/260-078 или да испратат порака на суперрадиоЖсуперрадио.цом.мк.

И ЈП „Билјанини извори“ во соработка со охридскиот Црвен крст и Р.К. „Охрид“ се приклучува во хуманитарната акција. На утрешното ракометно дерби меѓу Охрид и Струга во спортската сала ќе се постават кутии за донирање на финансиски средства. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива