Избор Охрид

Охридските новинари и ФА „Бисери“ со хуманитарен хепенинг за Сара

Охрид, 23. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Под мотото „Играме и пееме за Сара“, охридските новинари и фолклорниот ансамбл „Бисери“ организираат голем хуманитарен хепенинг.

Во недела, на 28-ми октомври, од 11:00 часот во ЦК „Григор Прличев“ ќе се одржи јуниор забава за најмладите. На сцената ќе настапат „Весели бисерчиња“, „Распеано рибарче“, музичките таленти на ОМУ „Методи Патчев“, а ќе биде изведена и претстава од Куклениот театар „Си беше еднаш“. Влезници по цена од 100 денари ќе се продаваат на билетарницата од ЦК „Григор Прличев“ и во охридските градинки. Истиот ден, од 19:00 часот забавата продолжува во Спортската сала „Билјанини извори“, каде ќе настапат повеќе музичари и уметници од Охрид и Струга.

Според програмата, пред публиката ќе се претстават: „Камелеон“, ФА „Бисери“, Петар Нечоски, Жармена и Китроз, Каролина и Оли, „Ј и Ј“, Дуо „Black moon“, Дамјан Пејчиноски, Ивана Коскоска и други… Влезници по цена од 100 денари ќе продаваат волонтерите на охридскиот Црвен крст, а ќе се продаваат и на билетарница од СРЦ „Билјанини извори“ непосредно пред почетокот на манифестацијата.

Дел од настанот ќе бидат и членовите на Здружението „Бисера“ од Охрид, кои ќе организираат базар со храна. Тие ќе продаваат вкусни домашни специјалитети по симболична цена, а сите собрани средства ќе бидат донирани на семејството Настески.

– Целта е да се анимираат сите, почнувајќи од најмладите преку тинејџерите, па се` до возрасните, час поскоро да се помогне на нашата Сара Настеска, велат организаторите, кои испраќаат благодарност за поддршката до ЈП „Билјанини извори“ и ЦК „Глигор Прличев“, каде ќе се одржат двата настани, како и до Labino Sound, кои ќе бидат задолжени за озвучувањето.

На Сара и’ е дијагностициран малиген тумор Anemia Aplastica, кој ја напаѓа коскената срж и не дозволува правилна регенерација на крвта во организмот. За зафатот се потребни повеќе од 200.000 евра, кои ќе се искористат за лекување во Германија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење