ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид

Охрид SOS: АД Електрани на Македонија да ги затвори испустите на Црн Дрим кај Струга

Охрид, 29. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Од АД „Електрани на Македонија“ да ги затворат испустите на реката  Црн Дрим кај Струга, апелираат од Граѓанската иницијатива Охрид SOS.

– Водата во Охридско Езеро е значително намалена. Во каналот „Студенчишта“ има влезено поголема количина на плашица, која може да угине поради недостаток на кислород. Билјанини извори „секнаа“, а од пумпите на Водовод па нема дотур на свежа вода во каналот, додаваат од Охрид SOS.

Нивото на водата во Охридското Езеро е на само шест сантиметри над нултата кота (693,17 м.н.в). Според денешните мерења на УХМР, водостојот на езерото е на котата од 693,23 метри надморска височина и е за 5 сантиметри пониско од просекот за октомври. На почетокот на месецов нивото беше на котата од 693,31 м.н.в, што значи водостојот опаднал за осум сантиметри.

vodostoj 29 oktМинатата година овој период, нивото на езерската вода беше на само 10 сантиметри над минимално дозволеното ниво 693,10 м.н.в.

Температурата на водата во Охридското Езеро е 15,5 степени.

Според најавите на метеоролозите утре времето ќе биде променливо облачно и ветровито, попладне со локални врнежи од дожд кои во западните подрачја ќе имаат пороен карактер со услови за појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер поради што ќе има транспорт на прашина од Африка и наместа појава на обоен дожд. Од среда следува период на умерено облачно и топло време со температури кои ќе бидат над просекот за овој период од годината. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес