ЕКОЛОГИЈА Избор Општина Дебрца

Владата ќе продолжи да ја информира општина Дебрца за позитивните ефекти од изградбата на регионална депонија во Годивје

Охрид/Скопје, 30. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија, на денешната, 98-ма  седница ја разгледа и усвои Информацијата за обезбедување на финансиски средства за подготовка на тендерска документација за издавање на управувањето со комунален отпад во Југозападен, Пелагониски, Вардарски и Југоисточен плански регион под концесии.

Во рамките на оваа точка, Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да ја продолжи постапката за информирање на општините Дебрца и Росоман позитивните ефекти од изградба на регионалните центри на нивната територија, до конечно потпишување на Одлуките од страна на Советите на овие општини.

protestdebrca2

На 22-ри април оваа година со блокада на сообраќајот на автопатот Охрид-Скопје, се одржа голем еколошки бунт на жителите од општина Дебрца, против владината намера за изградба на регионална депонија кај селото Годивје. Протестот се одржа во атарот на селото Ботун, кај местото викано „Царополе“, кај бензиската на ОКТА. Жителите на Дебрца истакнаа и транспаренти со јасни пораки до одговорните: „Премиере не играјте си со нашето трпение“, „Откажете се од вашиот гнасен проект за Годивје, или Дебца ќе гори“…

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, неодамна од Охрид порача дека став на експертите е дека општина Дебрца е најидеалното место каде би се градела регионалната депонија за третман на отпад. Според него, одлуката дали локацијата ќе биде онаа посочената или некоја друга, ќе биде донесена по консултациите.

jani makraduli

– Треба да се разговара така што организираме јавни расправи бидејќи сакаме со граѓаните да се убедиме со аргументи. Сакам да ги уверам граѓаните дека целата постапка и целото мониторирање околу изградбата на регионалните депонии ќе се спроведува согласно најдобрите практики и техники што постојат. Така пишува во Законот и верувајте дека тоа ќе го следам, потенцира Макрадули, потесетувајќи дека речиси сите општини во Македонија дале согласност Владата да ги преземе ингеренциите за распишување тендер за избор на концесионер што ќе управува со отпадот во регионите. Министерство го следат европскиот концепт за регионално менаџирање на отпадот, а европските вредности ќе доминираат и во комуникацијата со граѓаните при донесувањето конечни одлуки. Ресорното министерство започна со активности за чистење на повеќе депонии низ Македонија, од кои едната на самиот влез во Охрид, истакна заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива