Избор Охрид Партии

СДСМ: Симоноски и останатите кои се жалат на политички прогон ќе треба својата невиност во работењето да ја докажат низ судски процес

Охрид, 4. ноември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Граѓаните, а со тоа и јавноста добро знае дека првата и основна работа која СДСМ како партија во борбата против поранешниот режим на Груевски ја прокламираше е дека во ништо нема да е иста со нив, стои во реакцијата на ОО на СДСМ од Охрид на последниот допис до медиумите на ОК на ВМРО-ДПМНЕ.

– Како партија ја отфрламе лажната конструкција на која безобразно се „фаќаат“ ВМРО-ДПМНЕ – Охрид и екс директорот на ЈП „Градски гробишта“ од Охрид Зоран Симоноски дека „СДСМ води нарачана и пресметана хајка врз поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ поднесувајќи неиздржани кривични пријави кои имаат политичка цел“ вклучувајќи ги и кривичните пријави кои СВР ги поднесе против него. Значи, помина времето кога МВР беше МВРО како што велеше и екс министерката за внатрешни Јанкуловска. СДСМ остава полицијата, инспекциите, органите на прогонот професионално да си ги извршуваат своите обврски без некој над нив да има улога на тутор како во минатото, во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
Кривичните пријави кои досега стигнуваа, стигнуваат и најверојатно ќе ги има уште не се резултат на хирот на СДСМ туку на 11-годишното раскалашено владеење на ВМРО-ДПМНЕ вклучително и на нивните кадри на локално ниво кои беа под закрилата на Општина Охрид во последниот мандат до пред една година. Една народна вели: „Како што сте ја дробеле таква попара и ќе сркате“, порачуваат од СДСМ.

Додаваат дека фактите кои СВР и МВР ги нижат во кривичните пријави не се список на желби на СДСМ, туку напротив се истражени состојби за време на нивното расипничко владение, вклучително и на Симоноски.

– СДСМ не е судија, туку само политички субјект кој работи на тоа во Македонија се’ па дури и правдата да функционира по теркот на Европа и цивилизираниот свет. На крајот никој не е осуден без да се докаже вината. ВМРО-ДПМНЕ вклучително и Симоноски и останатите кои се жалат на политички прогон ќе треба својата невиност во работењето да ја докажат низ судски процес. СДСМ нема никаква врска со кашата во која се нашле. Време е така да се гледа на работите а не да се искривуваат и фабрикуваат лаги, со цел да се прикријат сопствените аномалии и личната поранешна аздисаност, стои во дописот. (Крај)

извор: СДСМ фото: архива