Здравје Избор Охрид

Почна вакцинацијата против сезонски грип, Центарот за јавно здравје Охрид има обезбедено 4.000 дози вакцини

Охрид, 5. ноември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска започна вакцинацијата против сезонски грип. Во Центарот за јавно здравје во Охрид утринава веќе голем број граѓани чекаа ред за да се вакцинираат.

За потребите на охридскиот Центар, но и за подрачните единици во Струга и Дебар, набавени се вкупно 4.000 дози вакцини, информира за Супер радио и OhridPress директорот, Сашо Точков.

– Една категорија граѓани ќе може да примаат вакцина бесплатно. Тоа се оние кои ги исполнуваат критериумите на Министерството за здравство, односно да се постари од 65 години, да имаат пензија пониска од 14.480 денари или воопшто да не примаат пензија. Овие лица најпрво ќе треба да отидат кај својот матичен лекар, кој преку системот „Мој термин“ ќе им закаже термин за имунизација, ќе им издаде упат, па потоа може да дојдат кај нас во центарот, потенцира Точков.

sasotockovЗа сите останати вакцината чини 650 денари. Се работи за четиривалентна најнова вакцина против грип, од холандско и француско потекло која штити од четири видови инфлуенца и е според препораките на Светската здравствена организација, истакна Точков.

Имунизацијата се врши во просториите на Центарот за јавно здравје и во подрачните единици, секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива