Економија Избор Локална самоуправа Охрид

Стојаноски: Вкупниот долг на општина Охрид заклучно со 30-ти септември изнесува 1.472.122.329 денари

Охрид, 6. ноември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Вкупниот долг на општина Охрид заклучно со 30-ти септември годинава изнесува 1.472.122.329 денари и е намален за над 100 милиони денари споредено со ноември минатата година, објави на денешната прес конференција градоначалникот, проф. д-р Јован Стојаноски.

Токму финансиската консолидација на општината беше приоритет во едногодишната работа на новата локална самоуправа. Со нови процеси за менаџирање и управување со ресурсите и примена на нови механизами за консолидација подмирени се и дел од долговите.

– Еден од приоритетните проекти и во време на кампањата и со доаѓањето на чело на локалната самоуправа беше финансиското раздолжување на општина Охрид. Согласно  неколкуте спроведени анализи и утврдување на начините за подмирување на старите обврски, со состојба на 30-ти ноември 2017 година вкупниот долг на општина Охрид изнесувал 1.573.036.905 денари. Со состојба на 30-ти септември 2018 година, долгот изнесувал 1.472.122.329 денари, односно е намален за 100.914.576 денари. Преку склучување спогодби и регулирање на односите со доверители општината има остварено заштеда од 17.572.707 денари, потенцира Стојаноски.

opstina ohrid vlezТој напомена дека се консолидирани финансиската состојба во јавните претпријатија, во Територијалната противпожарна единица, а до првиот квартал од следната година се очекува целосно исплаќање на долгот и одблокирање на сметката на ОУ „Григор Прличев“.

– Вкупниот долг на училиштето кон 21 коминтент изнесуваше 37.733.670 денари. Склучени се спогодби со 14 коминтенти и исплатени се  22.413.581денари, при што со отпишување камати заштедени се 8.585.268 денари. Треба да се издвои и решавањето на проблемот со долгот кон вработените во Територијалната противпожарна единица. Потпишани се спогодби и на вработените им се исплатени 7.166.681 денари, рече градоначалникот.

Со оглед на тоа што општината не може сами да ги расчисти старите долгови за да има стабилна финансиска состојба, тој ја поздрави одлуката на Владата за доделување на неповратни средства, со кои ќе се покријат 51% од пријавените обврски на општините. Нови материјални долгови се очекуваат и натаму, но со исклучиво домаќинско работење ќе се постигне решавање на задолженоста на општината.

– Во наредниов месец два се очекува да биде донесен Законот за консолидирање на општините и во тој случај очекуваме и на Охрид да му бидат префрлени 7-8 милиони евра наменети за подмирување на заостанатите финансиски обврски кон доверителите, додаде Стојаноски.

Тоа ќе помогне за финансиска комоција на општината да влезе во преговори со доверителите. Со исплаќањето на дел од старите долгови ќе се овозможи нов развоен циклус на општина Охрид, ќе има повеќе средства за развојни, а посебно на инфраструктурни проекти. Исплаќањето на долгот кон доверителите кај нив ќе отвори нови рзвојни проекти и раст на локалната економија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес