Избор Охрид Партии

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Стојаноски не реализираа ниту еден проект само за да имаат оправдување за побарување средства од државата

Охрид, 6. ноември 2018 (ОХРИДПРЕС) – За ефикасни промени, треба одговорност, но Локалната власт предводена од СДСМ и градоначалникот Стојаноски тоа воопшто не го поседува, стои во реакцијата од ОК на ВМРО-ДПМНЕ по денешната прес конференција на градоначалникот на Охрид проф. д-р Јован Стојаноски во врска со долгот на општина Охрид.

– Стојаноски и СДСМ немаат капацитет за реализација на ниту еден проект. Неспособноста да ги реализираат капиталните инвестиции е видлива и на централно и на локално ниво. Наместо реализација на проекти огромна сума парични средства се пренаменуват за општините. Дрско ја потценувате интелигенцијата на граѓаните преку веселата математика и популистичко држење пресови во јавност, наместо да им се извините за децениското тапкање во место за време на Вашето криминално владеење. Парите на Владата не се трошат наменски, не се завршуваат започнатите проекти, се наградува лошото и нетранспарентното работење на локалната власт. Владата свесно ќе ги исплатува незаконските дејствувања, неодговорното работење и немањето отчетност. Дали свесно Стојаноски не реализира ниту еден проект во Охрид само за да има оправдување за побарување на средства од државата, прашуваат од партијата.

Додаваат дека „од заробена држава сега се префрлува товарот на заробени општини“.

– Како ќе им објасните на граѓаните кои мака мачат редовно да си ги подмират сметките кои сега се ставени во дискриминаторска положба во однос на државата? Со парите на граѓаните ќе се плаќаат блиските фирми на власта. Зошто Стојаноски на 1 милион евра дозволи да се извршат од општинската сметка без претходно да се склучи договор за отпис на каматите и дел од главниот долг со доверителите? Наместо со парите на граѓаните да ги решава нивните проблеми, тој враќа камати и долгови. СДСМ и Стојаноски докажаа дека не можат да одржат стабилна финансиска состојба со недомаќинското работење на општина Охрид, реагираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива