Избор Охрид

Настески: Пристигнавме во Германија, оваа недела ќе се прават почетните испитувања

Охрид, 6. ноември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Семејството на 15-годишната Сара Настеска, преку писмо до јавноста испратија информација за пристигнувањето во Германија и стартот на испитувањата пред медицинскиот зафат.

Писмото го пренесуваме во целост.

Почитувани сограѓани и сите останати хумани луѓе кај нас и во странство,

Ви се обраќаме со почит сакајќи да Ве известиме дека целото наше семејство се наоѓа во Германија. Благодарение на сите вас и Вашата хуманост започнавме со реализација на нашата цел. Овозможено ни беше авансно плаќање на дел од сумата, која е потребна за лекување во клиниката во Германија.

Веќе од вчера, 05.11.2018 година, по консултативен разговор со нив, договорено е во текот на оваа недела да се започне со почетни испитувања кои претходат на лекувањето, а ги опфаќаат двете деца.

Бидејќи сите вие хумани луѓе станавте дел од нас и од нашето семејство, Ве молиме од срце помолете се кон Бога да биде успешно лекувањето на Сара од нејзиното помало братче Виктор како донор.

Дозволете ни да започнеме, а потоа да ве известуваме за лекувањето.

Вечно благодарни, од срце,
семејство Настески