Избор Локална самоуправа Охрид

Свечена програма и 74 ружи за годишнината од ослободувањето на Охрид

Охрид, 7. ноември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со полагање свежо цвеќе на спомен-обележјата од НОБ и панихида на спомен-обележјето на Јасна Ристеска се одбележува 7-ми ноември – Денот на ослободувањето на Охрид.

Беа положени 74 ружи, во знак на 74 години слободен Охрид. На малиот плоштад, кај поранешната библиотека се одржува свечена програма. Свое обраќање имаше градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, како и претставник на ОО на Сојузот на борци од општините Охрид и Дебрца.

– Со високо крената глава денес уште еднаш ја оддаваме нашата длабока почит  кон сите оние кои го дадоа својот живот за слободата на Охрид и кон сите учесници во Народно ослободителната антифашистичка војна. Тие, кои биле дел  во   виорот на Втората свeтска војна, а и оние  кои во целиот повоен развој, учествувале во креирањето на новата историја на нашата татковина и нашиот Град, со повеќе емоции од било кој од нас, ги доживуваат сите радосни и тажни моменти, низ кои минуваат Охрид и охриѓани. Овој ден е голем празник за нас затоа што ја славиме победата за подобро утре, се потсетуваме на херојските дела, но и го продолжуваме аманетот на нашите предци, да ја сочуваме крваво добиената слобода. Минатото нè води до сегашноста, а сегашноста е влог во нашата иднина. Од раните на нашите дедовци и татковци се создава нашата сила  да креираме подобра иднина за сите нас. „Можеби имало поубави времиња, но ова е нашето време“.  Да го искористиме за да отвориме нови порти за нашиот Охрид кој ќе биде еден од најразвиените градови во државава, пријатен дом за сите охриѓани и топ-туристичка дестинација за бројни посетители и  гости. Единствена константа во животот се промените. Тие се неминовност којашто го врти тркалото на светот. Почитувајќи ги традициите и не заборавајќи што ни оставиле генерациите пред нас продолжуваме да го градиме и осовременуваме древниот Охрид. Заедно со вас, преку  постојана комуникација и отвореност  создаваме услови за реализирање на проекти со кои ќе ги надминеме проблемите, притоа не излегувајќи од зацртаните стратешки  определби на локалната власт, истакна градоначалникот Стојаноски.

Тој додаде дека нашите деца се наша иднина и дека тие се најскапоцениот влог во кој вреди и мора да се инвестира.

– Со низа проекти ќе ги вратиме младите во Охрид  и ќе го стопираме нивното иселување. Изминатиов период работевме на подобрување  на условите за учење во сите образовни установи во градов. Вистински образовен комплекс  ќе  бидат просториите на касарната „Михајло Апостолски“ кои  по долгогодишни постапки конечно се сопственост на општина Охрид. Тука ќе бидат сместени неколку образовни институции, а ќе има и други содржини. Одговорно и напорно работевме и на подобрување на инфраструктурата во градов. Ја асфалтиравме улицата „Македонија“, а речиси се` е подготвено за реконструкција на истоимениот Кеј „Македонија“. Асфалтиравме бројни улички и краци низ целата територија на Охрид. Ја расчистивме депонијата „Мауцкер“, се гради и пешачката патека од градската саат кула до „Лабино“, а со сообраќајна студија чија изработка е во тек трајно ќе го решиме проблемот со сообраќајниот хаос во градов. Со поддршка, соработка и разбирање на централната власт работиме на конечно решавање на два крупни проблеми, функционирањето и реконструкцијата на колекторскиот систем и раздолжување на општината со што ни се трга голем товар од плеќите, а ќе добиеме можност да се насочиме и многу повеќе од досега да инвестираме во различни општествени сегменти. Само заедно, можеме да направиме и повеќе и поубаво и подобро. Да го забележиме времето во кое живееме, но никогаш да не ги заборавиме заслугите на постарите генерации, рече градоначалникот Стојаноски.

Во името на Општинската организација на Сојузот на борците од НОАВМ и нивните подржувачи, пред присутните се обрати претседателот Гоце Георгиески, кој рече дека 7-ми Ноември е празник на идеалот за слобода и правда, идеал на кој треба да се воспитуваат идните генерации.

– Денес на овој значаен празник, ја имаме честа и големото задоволство, припадници на различни генерации да ја споделиме гордоста што сме заедно во одбележувањето на датумот кој го чува и означува времето што треба да го паметиме, да не го забораваме. Прославувајќи го овој ден и сеќавајќи се на жртвите, ние со почит и благодарност се поклонуваме пред олтарот на сите паднати борци за слободен Охрид, за слободна и самостојна Република Македонија, рече Георгиески.

Во културно-уметничката програма настапија хорот и оркестарот на ОСУ „Св. Климент Охридски“, рецитаторите Сретен Стрезоски и Ристе Лекоски и дечиња од детската градинка „Јасна Ристеска“.

Претходно делегации на Општина Охрид, Сојузот на борците од НОАВМ и нивните поддржувачи, политички партии и невладини организации, положија цвеќе на спомен обележјата од НОБ во Спомен паркот на револуцијата каде се одржа и историски час, градскиот парк, во селото Рамне каде се одржа и панахида пред бистата на Јасна Ристеска, градските гробишта, пред Основниот суд и СОСУ „Св. Кирил и Методиј“.

Детската градинка „Јасна Ристеска“ вечерва од 18:00 часот под мотото „На крилјата на љубовта“ ќе одбележи 55 години од постоењето и својот патронен празник.

Многу животи згаснаа во борбите за слобода на Охрид што партизанските одреди ги водеа со фашистичкиот окупатор во 1944 година. Благодарение на нив Охрид денес е слободен град. (Крај)

извор: ОхридПрес/Општина Охрид фото: ОхридПрес/Општина Охрид