Избор Култура

Утревечер премиера на претстава „Метод“ на охридскиот театар, трилер кој отвора егзистенцијални прашања

Охрид, 9. ноември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Утревечер премиерно ќе биде изведена најновата претстава на охридскиот народен театар, насловена „Метод“ од Жорди Галсеран, во режија на Ирена Стеријовска.

Ова е втората од планираните три премиери за годинава. Галсеран е каталонски современ писател кој обработува доста актуелна тема од перидот на транзициските моменти кај медитеранските држави, нешто што сеуште е актуелно кај нас.

–  „Метод“ е практично текст кој заедно со режисерката го избравме заради актуелноста и жанрот кој го обработува. Направен е и филм, но текстот е пишуван за театар. Она што е невообичаено да се види особено во театрите е жанрот трилер, обично својствен за филмската индустрија. Оваа претстава е таква. Четворица луѓе доаѓаат на интервју за работа и тоа за втор човек во една огромна светска компанија за производство на мебел, почнува интервјуто, а приказната се развива согласно зададениот метод, рече в.д директорот на Центарот за култура, Стрезо Стаматовски.
Овој текст за првпат се игра во Македонија, а е особено познат во Шпанија, па дури во Бугарија и Русија. За првпат е преведен и охридскиот театар ги има правата.

pretstava metod

Жанровски оваа претстава е трилер кој отвора егзистенцијални прашања, на некој начин го поставува човекот како жртва на модерното време, рече режисерката Ирена Стеријовска.

– Во оваа приказна покрај брзите заплети и трикови на авторот се поставува прашањето кој кого гради, дали човекот го гради системот или системот не оформува нас. Овој текст е на некој начин коментар на крајноста до каде се оди во однос на потребата да се проценат детално човековите способности. Оваа претстава е необременета од театарските симболи, влегуваме лесно, многу полека почнуваме да ја градиме сликата во која на крај го поставуваме прашањето и се обидуваме да дадеме одговор. Претставата ќе внесе свежина како на репертоарот на охридскиот театар, така и генерално во театарскиот живот во Македонија, потенцира режисерката Стеријовска.

Актерската екипа е Ивица Цонев, Елизабета Стефаноска, Стрезо Стаматовски и Јаков Спасов.

Цонев, го игра ликот на Фернандо, кој пред се е продукт на капиталистичкот уредување, каде лицемерието е универзален клуч за социјална комуникација, каде недостатокот на обѕири стануваат утврден начин на поведение, каде алчноста е единствениот мотив за благосостојба. Во такви околности интелегентните емотивци како ликот на Фернандо се еден вид на кулминација.

Елизабета Стефановска се јавува во улогата на Марцедес Дега, единствена жена меѓу кандидатите финалисти.

pretstava metod 2

– Тоа е една дополнителна мотивација за Мерцедес да се докаже во тој машки свет и по секоја цена да победи. Таа е силна жена, а за мене беше вистински предизвик да ја играм, бидејќи нема многу информации за ликот во текстот колку што ги најдовме и акцентиравме. Мислам дека бидејќи првпат се поставува во Македонија, многу глумици ќе сакаат да ја играат Мерцедес, рече Стефановска.

Претставата ќе се одигра на малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во 20:00 часот.
Вечерва пак е претпремиерата на претставата, исто со почеток во 20:00 часот. Средствата собрани од билетите, ќе бидат уплатени на фондот за помош на Сара Настеска.

Директорот на театарот најави дека пред новогодишните празници ќе следи уште една премиера и тоа на претставата „Каде е пиштолот, господа?“, праизведба од Габор Ѓорѓи. Тоа е една сатира и комедија која ќе привлече доста внимание кај охридската публика. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива