Избор Општина Дебрца

Одбележан јубилејот 75 години од формирањето на Првата Македонско-Kосовска бригада

Охрид, 9. ноември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со положување на свежо цвеќе, денес во селото Сливово се одбележа јубилејот, 75 години од формирањето на Првата Македонско-Косовска ослободителна ударна пролетерска бригада (МКНОУПБ) на 11-ти ноември 1943 година и Патронатот на ОУ „Дебрца“.

Делегација на општина Дебрца предводена од градоначалникот Зоран Ногачески, положи свежо цвеќе пред споменикот во Сливово и споменикот во Белчишта, по што присуствуваше и на свечената приредба за одбележувањето на патронатот на ОУ „Дебрца“.

Првата македонско-косовска ударна бригада била формирана на 11-ти ноември 1943 година во село Сливово, Дебрца. Бригадата се состоела од: Батаљонот „Мирче Ацев“, Кичевскиот батаљон, Првиот косовски батаљон „Рамиз Садику“ и Вториот косовски батаљон „Боро Вукмировиќ“. Освен Македонци, во редовите на бригадата се бореле и Срби, Црногорци, Албанци, Словенци.

Со цел формирање на бригадата, двата македонски и двата косовски батаљони биле концентрирани во Сливово уште на 10 ноември 1943 година. Наредниот ден, на 11-ти ноември, во претпладневните часови, членот на Врховниот штаб и делегат на ЦК на КПЈ, Светозар Вукмановиќ – Темпо, одржал говор по повод формирањето на бригадата. За командант бил поставен Петар Брајовиќ, за заменик командант Чеде Филиповски – Даме, за политички комесар Мита Миљковиќ и за заменик политички комесар Вера Ацева. Во редовите на бригадата скоро 22% биле членови на КПЈ, а повеќе од 50% од младите биле членови на СКОЈ. Голем број од борците биле жени. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива