Избор Охрид

Ноемвриско капење во езерото (Фото)

Охрид, 12. ноември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Убавото и невообичаено топло време за овој период од годината направија Охрид деновиве повторно да биде солидно исполнет со гости, а дел од граѓаните, верувале или не, го искористија денешниот ден и за капење во Охридското Езеро.

Репортерите на Супер радио и OhridPress попладнево регистрираа две групи на капачи и тоа кај старото пристаниште и пред поранешното одморалиште на ПТТ.

Инаку, температурата од нешто под 20-тиот степен, направи кафе баровите и рестораните да бидат одлично исполнети, а раздвижено беше и по кејот и во центарот на градот. Најчести гости се од Албанија, Србија и Бугарија, а бројни посетители имавме и од останатите земји од светот. Оваа година Охрид ја остава зад себе една од најдобрите туристички сезони последниве години.

kapenjenoemvri2Времето денес беше сончево со мала облачност, по одделни котлини со појава на утринска магла. Максималната температура во Охрид се искачи до 17. степени.

– До крајот на следната недела ќе се задржи стабилно и суво време со студени утра, а до вторник наутро ќе има услови за магла по одделни котлини. Од среда ќе почне да дува северен ветер што ќе придонесе за расчистување на воздухот по котлините и ќе услови опаѓање на дневната температура, информираат од УХМР. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес