Избор Локална самоуправа Охрид

Градоначалникот Стојаноски во понеделник ќе го презентира Отчетот за сработеното

Охрид, 13. ноември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во понеделник, на 19-ти ноември, градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски ќе го презентира Отчетот за сработеното.

– Презентацијата на Отчетот ќе започне во 11:00 часот во голема сала на општина Охрид, информираат од Кабинетот на градоначалникот.

Неодамна градоначалникот Стојаноски објави дека вкупниот долг на општина Охрид заклучно со 30-ти септември годинава изнесува 1.472.122.329 денари и е намален за над 100 милиони денари споредено со ноември минатата година. На одбележувањето на 7-ми ноември, Денот на ослободувањето на Охрид, Стојаноски истакна дека се прават напори со низа проекти ќе се вратат младите во Охрид и да се стопирае нивното иселување.

– Изминатиов период работевме на подобрување  на условите за учење во сите образовни установи во градов. Вистински образовен комплекс  ќе  бидат просториите на касарната „Михајло Апостолски“ кои по долгогодишни постапки конечно се сопственост на општина Охрид. Тука ќе бидат сместени неколку образовни институции, а ќе има и други содржини. Одговорно и напорно работевме и на подобрување на инфраструктурата во градов. Ја асфалтиравме улицата „Македонија“, а речиси се` е подготвено за реконструкција на истоимениот Кеј „Македонија“. Асфалтиравме бројни улички и краци низ целата територија на Охрид. Ја расчистивме депонијата „Мауцкер“, се гради и пешачката патека од градската саат кула до „Лабино“, а со сообраќајна студија чија изработка е во тек трајно ќе го решиме проблемот со сообраќајниот хаос во градов. Со поддршка, соработка и разбирање на централната власт работиме на конечно решавање на два крупни проблеми, функционирањето и реконструкцијата на колекторскиот систем и раздолжување на општината со што ни се трга голем товар од плеќите, а ќе добиеме можност да се насочиме и многу повеќе од досега да инвестираме во различни општествени сегменти. Само заедно, можеме да направиме и повеќе и поубаво и подобро. Да го забележиме времето во кое живееме, но никогаш да не ги заборавиме заслугите на постарите генерации, рече градоначалникот Стојаноски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива