Избор Локална самоуправа

Во Охрид се одржа првата форумска сесија од „Форумот на заедници“

Охрид, 23. ноември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на општина Охрид, денес, во хотел „Ривиера“ се одржа првата форумска сесија од „Форумот на заедници“.

Во рамки на сесијата учество зедоа претставници на Советот на општина Охрид, претставници на невладиниот сектор и бизнис секторот. Почетокот на првата сесија го означи заменик градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

– Ми претставува особена чест и задоволство, во мое лично име и во името на Градоначалникот на општина Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, да Ве поздравам и да го означам почетокот на првата форумска сесија од Форумот на заедницата во општина Охрид. Организирањето на овој форум е дел од втората компонента на проектот „Зајакнување на општинските совети”, кој општината го реализира во соработка со УНДП и Швајцарската амбасада во Република Македонија. Форумот на заедницата е една од најкорисните алатки за успешно вклучување на граѓаните во процесот на донесување на одлуки на локално ниво и се организира со цел да се дефинираат приоритетите и потребите на граѓаните во повеќе сфери од секојдневното живеење во општината, изјави Георгиески.

Темата на првата форумска сесија е „Социјална инклузија“, а целта на форумските сесии ќе биде да се предложат и утврдат приоритетни проекти од областа на социјалната инклузија во општина Охрид. Учесниците на формуските сесии имаа можност да одредат кои се приоритетите за социо-економскиот развој на општината и кои активности може да се спроведат за подобрување на состојбата во локалната заедница. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење