Економија Избор од Уредникот На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ

Додевски: Планинската спасителна служба ќе не стави на мапата безбедни дестинации за авантуристички туризам

Охрид, 29. ноември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Започнаа волонтерски, функционираа со сопствена опрема, за веќе по 15 години да добијат современа опрема и возила за спасување на планина и непристапни терени, а сето ова води кон тоа охридскиот регион да добие планинска спасителна служба и да не стави на мапата безбедни дестинации за авантуристички туризам.

Во минатото, благодарение на поддршката од Црвен крст Охрид ние како алпинисти, пред сé заради нашите потреби и опасноста функциониравме како волонтерска единица за спасување на планина која немаше можност капацитет, ресурси да покрива 24/7 одредена територија или региони. Се случуваше да добиеме повик, меѓутоа да не сме во можност да одговориме, истакна во емисијата „Диши длабоко“ на Супер радио, Антонио Додевски, проектен менаџер на проектот „Регионот Охридско Езеро – безбедна дестинација за авантуристички туризам“.

– Целта на овој проект преку ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија е токму оваа единица и желбите кои ги имаше над 15 години да прерасне во една служба за спасување која ќе е опремена по сите современи меѓународни стандарди за делување на ова поле и да го покриваме регионот 24/7, ќе имаме систем кој ќе може да одговори на потебите. Се работи и на изградбата на новиот центар за спасување на планина, кој ќе биде сместен во постоечкиот магацински простор на Црвен крст во Охрид, веднаш до новата автобуска станица. Планот е оваа служба да ги покрива териториите на општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани и Ресен, бидејќи според сите параметри овој регион е логичен кој можеме да го покриваме со некое разумно време на интервенција во случај на несреќа, подвлече Додевски.

Авантуристичкиот туризам и во светски рамки и кај нас е во подем. Еден од клучните сегемени е безбедноста, бидејќи самата дефиниција подразбира зголемен степен на ризик од случување на разни несреќи. Македонија за жал е еден од регионите кој нема организиран систем на спасување. Со постоење на ваква служба во нашиот регион прво на територијата на Македонија ќе станеме поконкурентни, со што ќе се придонесе туристите во рамки на турите да одлучат повеќе денови да останат во охридскиот регион, што ќе значи и поголем бенефит.

– Системот за управување со ризици генерално се дефинира на три нивоа, првото е ниво на водич на група, сите авантуристички тури имаат некаков вид на водич. Второ ниво е агенцијата односно организаторот на патувањето, мора да има дефиниран план за менаџирање со ризици и третото, кое ги надминува претходните две е постоење организиран систем на спасување, рече Додевски.

Иако статистички повеќе несреќи има во летниот период, сепак со пораст на интересот за авантуристички туризам и отворањето на нови форми на движење на планина, се очекува и во зимскиот период да порасне бројот на интервенции.

– Годинава во летната сезона имавме 6 интервенци, што е рекорд во изминатите 15 години, а се однесуваа за извлекувања од најразличен карактер. Имавме исчезнати лица чија потрага траеше долго, имавме сериозно повреден параглајдерист на Галичица, на велосипедист. Очигледно е дека природата на несреќите се од различна природа и нивниот број расте, вели Додевски.

Во однос на одлуката која секоја година во овој период стапува на сила, а тоа е забраната за сообраќај на Регионалниот пат Р-2332 (Трпејца-Царина) низ националниот парк „Галичица“, Додевски рече дека одлуката е оправдана, со оглед на техничката неисправност на патот, а ние не сме подготвени за сериозно одржување на безбеден пат, кој се наоѓа на 1.650 метри надморска височина, каде владеат субаплски микроклиматски услови. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес