ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Македонија има систем за рано предупредување од поплави, ама Охридско Езеро е непредвидливо!

Охрид, 29. ноември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Управата за хирометеоролошки работи (УХМР) има современ систем за предување за поплави и нови, модерни мерни инструменти донирани од Германското друштво за меѓународна соработика- ГИЗ, но нема ниту кадар, ниту доволно средства да ги одржува и да овозможи нивно долгорочно функционирање.

Раководителот на оддрелот за хидрологија при УХМР, Васко Стоев, кој е и дел од проектот на ГИЗ за рана најава на поплави, вели дека иако сливот на Црн Дрим отсекогаш страдал од суши, по поплавите од 2010 година се зголемила соработката на хидрометеоролошките служби од регионот, која се официјализирала со меморандум, кој првпат овозможил слободна размена на хидролошки податоци, неопходни за одбрана од поплави и прогноза на води. Со помошта од ГИЗ, пак, хидрометеоролошките служби од регионот ги подобриле своите мониторниг капацитети. Конкретно, преку тој проект УХМР добил четири хидролошки станици за Охрид, Ботун, Ложани и Бошков Мост и четири метеоролошки станици кои се лоцирале во станиците во Лазарополе, Маврово, Штировица и Сливово, јави Вечер.

Претходно се донирани хидролошка и метеоролошка станица во Ресен и метеоролошката станица во Охрид. Како резултат на овој проект и на донираните станици сега секој граѓанин преку веб-страницата на УХМР може да се информира за промените на водостоите, на температурата на воздухот и за врнежите. Но, до кога ќе биде така не се знае, зашто има хроничен недостаток на пари и кадар, па за одржување на воспоставениот систем мора да се вложуваат максимум напори и се бараат нови донации. Средствата што се добиваат од државата и бројот на вработените се многукратно помали од потребните.

– ГИЗ успеа да го подобри мониторингот на поплавите во целиот регион, меѓутоа, тука се државите кои треба тој систем да го одржуваат и да го направат одржлив со постојано функционирање. За таа намена потребно е државите да си обезбедат нови вработувања на хидролози и инженери информатичари кои ќе работат на овие проблематики и средства за подобар мониторинг, односно треба да имаат буџет за одржување на овие автоматски станици, посочува Стоев.

Тој информира дека на УХМР за целата држава му се потребни минимум уште 10 хидролози. Во минатото во УХМР работеле 35 хидролози, дел инженери, дел техничари, а сега ги има 12, од кои само двајца се инженери. Според него, таков кадар тешко, но сепак, може да се обезбеди во државата, но потребно е прво да се отворат работни места. За разлика од Австрија, која за хидролошки мониторинг годишно троши по 10 милиони евра, на Македонија и се потребни по еден милион, но со претходна инвестиција од околу 80 милиони евра за да може со мониторинг да се покрие целата држава. За одржување на станиците сега УХМР добива по два милиона евра, кои се доволни за набавка на само два сензора.

– Ние како институција правиме се што е во наша можност со средствата што ги добиваме. Ако ви кажам дека за одржување на станици добиваме само две илјади евра годишно, што е доволно да се купат само два сензора за цела држава, тогаш како можеме да го одржиме овој систем со тие средства. Затоа секогаш бараме помош од таму од каде што може да се добите, така што сите овие проекти во врска со подобрување на хидролошкиот мониторинг имаат поддршка од наша страна и можам да кажам дека секогаш ГИЗ ни помага во тоа, зашто очигледно се ориентирани да помогнат, потенцира Стоев и додава дека тие возвраќаат со тоа што даваат резултати.

Има проблеми и со инструметите за мерење на водостојот на Охридско Езеро. Така, има мерни станици во градот Охрид, во Пештани, во Свети Наум и Струга, но моментално во функција е само таа во Охрид, откако деновиве и била заменета расипаната сонда.

– Настојуваме со понатамошните проекти да ги подобриме овие мониторинзи и да имаме се повеќе и повеќе станици, зашто ако затаи едната станица, другата ќе даде сигурна информација. Охридското Езеро е премногу значајно за да се прават експерименти. Во одредени ситуации мора да се затвора истекот на водите, сепак, треба да се најде добар начин за мониторирање и за регулирање, затоа што не смее да се дозволи Охридско Езеро да служи како вештачка акумулација, истакнува Стоев.

Тој признава дека постои разлика меѓу потатоците на ЕЛЕМ и на УХМР за водостојот на езерото, но додава дека генерално, годинава е над минимумот. За да можат да се информираат и граѓаните и туристите, со помош на ГИЗ, на едно место на кејот поставен е дисплеј кој ги покажува температурата на водата и на воздухот, како и водостојот. Сега, за да се воедначат податоците за водостојот, се бараат средства за интервенција на дисплејот. (Крај)

извор: Вечер/С.В. фото: ОхридПрес