ЕКОЛОГИЈА Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

За спас на плашицата ќе се проширува каналот „Студенчишта“ и ќе се носи Планот за управување со охридскиот регион

Охрид, 3. ноември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Ископ, проширување и продлабочување на каналот „Студенчишта“ е една од мерките што треба да се преземат за спречување на поморот на плашицата.

На денешната вонредна седница која беше свикана по барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а се однесуваше на неодамнешниот помор на рибата во каналот „Студенчишта“, тие побараа неколку заклучоци кои беа усвоени.

– Се задолжува градоначалникот на општина Охрид да се обрати до Министерството за екологија, со барање за превземање на превентивни мерки и активности со цел спречување на поморот на плашици во иднина, да побара од ЈНУ „Хидробиолошки институт“ – Охрид информација со цел добивање насоки за препорачани и дозволени флуктуации на нивото на езерото и превземање на конкретни мерки во оваа насока, во соработка со ЕЛЕМ Македонија да покрене иницијатива за формирање работна група која ќе даде писмени препораки за надминување на постојната состојба и иницирање на измени на постојната законска регулатива од оваа сфера, да превземе мерки за добивање на дозвола за мелиоративен риболов од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и се препорачува на надлежните служби да извршат ископ, проширување и продлабочување на каналот Студенчишта.

Координаторот на советничката група, Кирил Пецаков побара заеднички сите да се потрудиме вакво нешто да не ни се случува.

– Заради временските услови и мали интервенции кои се случија, поморот престана , се крена нивото на езетото и биодиверзитетот е во најмала рака во одлична состојба. Вакава ситуација сме имале во 2012 година сега имаме повторно. Реалноста е дека и до ден денес не се знае кој стопанисува и како функционира каналот „Студенчишта“, 30 години не е интервенирано во длабочината, покрај ЕЛЕМ сигурно има одговорност и концесионерот на езерото, во моментов во тек е новиот повик за избор на концесионер. Подготвеноста на институциите е на ниско ниво а видовме дека ако не заврнеше ќе имавме и натаму проблем, бидејќи имавме само една пумпа, рече Пецаков.

Градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски решението го гледа во конечното донесување на Планот за управување со охридскиот регион, во кој е содржан и планот за управување со езерото и неговото сливно подрачје, за да се знаат ингеренците, кој ќе управува со него.

– Цело време инсистирам и во контактите со УНЕСКО, Владата и ресорните министерства, конечно да се донесе Планот за управување со охридскиот регион, а еден дел е и планот за управување со езерото и неговото сливно подрачје, каде ќе се знае кој ќе лови риба, кој ќе биде одговорен за водостојот и останатите работи поврзани со езерото. Сето тоа беше соржано во Законот за управување со природното и културното наследство во охридскиот регион донесен во 2010 година, за жал ништо не беше преземено во тој дел. Она што ние како нова локална самоуправа е воведувањето на комисијата за управување со културното наследство, но тоа не е доволно. Планот мора да се донесе и да се стави точка со заштитата на статусот на Охрид како град заштитен од УНЕСКО, а со тоа и на целиот регион, потенцира Стојаноски.

Градоначалникот информира дека во овој момент министерството за култура го има изготвено нацрт планот, сега треба да се усвои да стане предлог план и да се усвои од Влада.

Во случајот со поморот на плашицата, Стојаноски кажа дека се обратиле до надлежните институции. Со помош на јавните претпријатија „Охридски комуналец“, „Водовод“ и „Нискоградба“ проблемот засега се реши со пумпа со која се врши дотур на свежа вода од Билјанини извори, а секако тука помогнаа и обилните врнежи од дожд. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес