ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Секулоски: Се’ поатрактивниот алтернативен туризам го зголеми интересот за нуркање во Охрид

Охрид, 27. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Со пригодна свеченост викендов во Охрид беше одбележана 15-годишнината од формирањето на Нуркачкиот центар „Амфора”.

Иницијатор за формирањето е Милутин Секулоски, кој професионално по програми и стандарди на SSI, односно Светската нуркачка асоцијација, „Амфора“ ја основа во 2004-та година.

– Приказната почнува уштеод поодамна, поточно во 1996 година, кога за прв пат во Македонија се обучуваат 15 нуркачи со меѓународно признат сертификат. Една од најзначајните години е 1999-та, кога исто така, за прв пат во Македонија беа обучени 21 нуркач за подводна археологија,по што се започнати подводните археолошки истражувања кај локалитетот „Плоча – Миќов град“, рече Јован Секулоски, претседател на „Амфора“, кој беше денешен гостин во емисијата Radio Corner на Супер радио.

Повеќе за атрактивноста на нуркањето како спорт во Охрид, некогаш и сега, за бројните активностите и идните планови на „Амфора“ во интервјуто за Супер радио и Ohrid Press.

Супер радио: Како и на чија идеја пред 15 години го формиравте нуркачкиот центар „Амфора“?

Секулоски: Иницијатор за да се формира Нуркачкиот центар „Амфора“ е Милутин Секулоски. Приказната почнува поодамна, од 1996 година, кога за прв пат во Македонија се обучуваат 15 нуркачи со сертификат кој важи секаде во светот, односно со меѓународно признат статус. Рекреативните активности и обуки, на почетно и напредно ниво, продулжуваат во годините што следат. Една од најзначајните години е 1999-та, кога исто така, за прв пат во Македонија беа обучени 21 нуркачи за подводна археологија,по што се започнати подводните археолошки истражувања кај локалитетот „Плоча – Миќов град“. По програми и стандарди на SSI, односно Светската нуркачка асоцијација, Нуркачкиот центар „Амфора“ се основа во 2004-та година.

Супер радио: Каков тогаш беше интересот за нуркање во Охрид пред 15-тина години, а каков е денес?

Секулоски: Нуркањето како спорт, во тој период не беше актуелно како што е денес. Ситуацијата е подобрена благодарејќи на се’ поголемиот интерес кај гостите за алтернативниот туризам, но и константниот маркетинг што го правиме. Денес можам да кажам дека, нуркањето како спорт во Охрид е на задоволително ниво на интерес, препознаено и од охриѓани и од гостите.

Супер радио: Може ли да ни го опишете процесот кога нуркате рекреативно со клиент и колку тоа чини?

Секулоски: На почеток, преку краток разговор на клиентот му ја претставувам процедурата, потребната опрема за нуркање и трасата по која ќе се движиме под вода. Потоа ја ставаме целосно нуркачка опрема и во мое пристуство влегуваме под вода. По прилагодувањето под вода, правиме една тура околу подводниот локалитет кај „Плоча – Миќов град“. Целиот процес, вклучувајќи ги и подготовките, трае околу час и половина, а самото нуркање 30-40 минути. Едно вакво искуство чини 45-55 евра, а како посебно сеќавање за клиентот гратис изработуваме подводни фотогрфии и видеа.

Супер радио: Во изминативе 15 години сте биле дел од многубројни проекти, експедиции и истражувања. Можете ли да ни издвоите неколку од најзначајните за „Амфора“?

Секулоски: Проектот на кој сме најмногу горди и на кој посветивме најмногу внимание се истражувања на „Плоча – Миќов град“, кои се одвиваа во повеќе циклуси. Исто така значаен беше проектот за вадење на 20 тони неексплодирани убојни средства од Охридското Езеро, извадени се над 100 парчиња на потегот кај „Сараиште“, оружје од отоманскиот период, но горди сме на многубројните еколошки акции, меѓу кои проектот каде извадивме рибарски мрежи од езерото во должина од 12 километри.

Супер радио: Од убавините со кои подводно се сретнувате нуркајќи, лани направивте изложба на фотографии. Имате нови материјали, нови фотографии кои планирате да ги изложите?

Секулоски: Целта на изложбите кои ги правиеме е пошироката јавност да се запознае со подводниот свет на Охридското Езеро. Имаме многу нови материјали, меѓутоа не планираме да ги објавиме за скоро време, бидејќи ги користиме за социјалните мрежи. Кога колекцијата ќе биде побогата ќе ги објавиме и преку изложба.

Супер радио: Не само убави слики, подводно веројатно често среќавате и грди слики од отпад, градежен шунд итн. Во изминативе 15 години станавме посовесни или понесовесени во поглед на нашата свест, дека езерото не е депонија, туку еден уникатен и многу скапоцен еко систем?

Секулоски: Во споредба со минатото, еколошката свест кај граѓаните е на повисоко ниво. За жал не изостануваат ни секојдневните грди слики од отпадоци под вода, па затоа сметам дека за тоа треба да се поведе поголема грижа и да се посвети поголемо внимание, особено на локалитетите на Охридското крајбрејже на кои гравитираат поголемиот број туристи. Еколошката свест денес е на многу повисоко ниво отколку во минатото. Ние ќе продолжиме со еколошките акции, планираме една таква во која ќе бидат инволвирани повеќе субјекти и се надевам дека преку нив еколошката свест и во иднина се’ повеќе ќе расте.

Супер радио: Пред крај, какви се идните планови на НЦ „Амфора“?

Секулоски: Пред се’ остануваме фокусирани на обуките за нуркање и за рекреативци и за професионалци, кои сакаат да се стекнат со меѓународно признат сертификат. Можеби некому од хоби, нуркањето во иднина ќе му прерасне и во професија Во соработка со разни субјекти и институции и во иднина сме отворени да помогнеме за различни настани.

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука