Забава Избор На кафе со... ТОП ВЕСТИ

Савески: „Бессона дремка на брегот на младоста“ е албум за борбата на нашата генерација со вечната транзиција

Охрид, 28. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот метал бенд „Hardfaced” со слушачка промоција во Охрид и Скопје ќе го промовира нивниот нов албум „Бессона дремка на брегот на младоста“ (Dreamless Slumber At The Shores Of Youth).

Промоцијата вечерва во Охрид е во „Jazz Inn“, а скопската промоција утре e во МКЦ, во склоп на Музичката конференција „Пин“. Зад нив се 200 концерти надвор од Македонија, а „Бессона дремка на брегот на младоста“ е четвртиот албум на Hardfaced, кои на сцената опстојуваат веќе 15 години.

– Има ли поголем порив од тоа да си роден на ова парче земја и да пробуваш да си креативен и да твориш? Инспирацијата е насекаде околу нас, треба само да пуштиш ТВ, да излезеш на улица и полн си со инспирација. Едноставно речено албумот „Бессона дремка на брегот на младоста“ е албум за борбата на нашата генерација со вечната транзиција, овде во едно неморално и корумпирано општество, какво што е нашето, вели Диме Савески, вокалот на бендот Hardfaced, кој беше денешен гостин во емисијата Radio Corner на Супер радио.

Супер радио: Како е замислена слушачката промоција, вечерва во Jazz Inn?

Савески: Вечерва со пчетокво 20:00 часот во „Jazz Inn“ во Охрид, правиме слушачка промоција на новиот албум. Ме прашуваат доста луѓе, за да нема забуни, вечерва и утре нема концерти, туку тоа ќе биде едно дво часовно дружење со бендот и промотивно преслушување на албумот. Посетителите ќе можат да си купат албумот на плоча или CD, како што милуваат.

Супер радио: Каде жанровски пловите со материјалот од новиот албум?

Савески: Hardfaced е метал бенд, а на новиот албум мешаме повеќе стилови на метал музика, trash, black death metal, hardcore, metalcore. Како бенд никогаш не сме се воделе од тоа дека треба да правиме одреден тип на музика, така беше и со овој албум. Процесот течеше многу природно, на крај го издадовме и оставивме публиката сама да одлучи дали ќе им се допадне или не.

Супер радио: Недамна, со видео спот ја промовиравте песната „Black sun“ првиот сингл од новиот албум, кој официјално излезе на 30-ти ноември. Каде го снимавте албумот и која екипа работеше на него?

Савески: Албумот е снимен на повеќе локации. Нашиот тапанар живее во Шведска, па тапаните се снимени таму, гитари и бас снимавме во Охрид и Кичево, а јас вокалите ги снимив во Скопје. Материјалот на микс и продукција замина во Либек, Германија, кај Ласе Ламет, еден легендарен метал продуцент. Презадоволни сме како на крај звучи албумот.

Супер радио: Претставува ли проблем издаваштвото и дистрибуцијта на македонски метал изданија?

Савески: Продукцијата е направена во Германија, но албумот го издадовме преку мојата издавачка куќа „Diehard records“. Значи котролата врз издавањето ја имавме сами. Дистибуцијата во светот оди преку нашите пријатели „Core tex“ од Германија, инаку „Core tex“ е еден легендарен лејбл и мјузик шоп во Берлин, еден од најстарите. За Македонија и Балканскиот регион дистрибуцијата ја правиме сами.

Супер радио: Зад Вас во кариерата стојат уште три други албуми, More than hate (2007), Show them what they fear (2011) и Dying lake (2014). Кој е Вашиот порив за творештво?

Савески: Има ли поголем порив од тоа да си роден на ова парче земја и да се обидуваш да си креативен и да твориш? Инспирацијата е насекаде околу нас, треба само да пуштиш ТВ, да излезеш на улица и полн си со инспирација. Едноставно речено албумот „Бессона дремка на брегот на младоста“ е албум за борбата на нашата генерација со вечната транзиција, овде во едно неморално и корумпирано општество какво што е нашето.

Супер радио: Покрај музиката која ја творите, сигурно слушате и други музички жанрови?

Савески: Покрај металот, секој од нас во бендот се разбира дека слуша и други жанрови. Јас слушам различна музика, голем „фан“ сум на панк музиката, слушам rock&roll, слушам hip-hop итн.

Супер радио: Имате 15 годиншен „стаж“ на сцената. Можете ли да ни кажете кои години беа најдобрите за македонскиот метал?

Савески: Реално колку што ни е мала државата, толку мала ни е и сцената. За Hardfaced беше добро и пред 15 години и денес. Како бенд имавме добар прогрес изминативе години. Но, она што е жално е што во последно време нема многу бендови, но генерално земено сцената е многу добра.

Супер радио: Имате особено богато потрфолио на настапи во странство. Колку се’ настапи сте имале надвор од Македонија?

Савески: Да, имавме неколку балкански, а и 4 европски турнеи, тоа се некои 200 концерти во странство и на секој од нив и ние публиката сме поминале супер. Покрај тоа што сме настапувале секаде низа земјите од Балканот, сме настапувале скоро во цела Централна Европа.

Супер радио: Во моментов, покрај Вас, како вокал, бендот го сочинуваат Горан Велјаноски (гитара), Јован Наумоски (гитара), Љупчо Стефаноски (бас) и Јордан Маленко (тапани). Сте ја менувале поставата низ годините наназад?

Савески: Сме сменале неколку членови во бендот, кој оставиле голема трага врз Harfaced. Голем поздрав до Игор Снегар и Климент Велјаноски, свиреа долго со нас, скоро 15 години.

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука