Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Со бројни манифестации, Охрид го одбележува Денот на заштитникот Св. Климент Охридски

Охрид, 7. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Продолжуваат настаните со кои општината и институциите кои го носат неговото име, го одбележуваат 8-ми декември, Денот на заштитникот на Охрид, Св. Климент Охридски.

Настаните започнаа пред два дена со концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“, по што во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одржа свечената приредба по повод патрониот празник на ОУ „Св. Климент Охридски“.

Вчера напладне, во Прличевата одаја се одржаа свеченостите во чест на Патронот, во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“, а синоќа од 19:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одржа премиерата на играниот филм „Дедо и внук“ во режија на охриѓанецот Илија Пиперкоски.

Премиера на „Дедо и внук“ во Охрид: Емотивна приказна со длабока порака

Вечерва, од 19:00 часот во изложбениот салон при Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена традиционалната изложба на фото-клубот „Охрид“, а во галеријата е изложбата на ликовни творби на учениците од ОСУ „Св. Климент Охридски“ и доделување награди од училишниот конкурс. Од 20:00 часот во Центарот за култура е свечената академија по повод Денот на градот Охрид.

Започна одбележувањето на Денот на Патронот на градот Св. Климент Охридски

Утре, на денот на празникот за 10:00 часот е предвиден поклонение пред моштите на Св. Климент Охридски во црквата на Плаошник, а половина час подоцна и полагање свежо цвеќе на неговиот споменик во основното училиште. Од 11:00 часот ќе има полагање свежо цвеќе на момументалниот споменик на Свети Климент Охридски на Градскиот плоштад и врачување награди на најдобрите поетски творби на наградниот ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука