Атина, 27. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Ние ќе ги поддржиме вашите економски политики, а вие нашите ставови во однос на надворешната политика на Грција, е дел од договорот на новата владина коалиција во грчката влада, крајно левата партија Сириза и крајно десната партија Независни Грци.
Лидерите на двете партии Алексис Ципрас (Сириза) и Панос Каменос (Независни Грци) брзо ја договорија за многумина невозможната коалиција на двете крајности на политичкиот спектар. Десничарската партија се согласи да ги поддржи економските политики на Сириза, утврдени од Ципрас, а новиот премиер нема да може многу да менува во областите каде што партијата на Каменос има забелешки. Ова ги вклучува и прашањата од надворешната политика, како што е постигнувањето договор со поранешната југословенска Република Македонија околу едно сложено име, пишува Екатимерини. Позицијата на Независните Грци е новото име не смее да го содржи зборот Македонија. Оттука, јасно е дека за Сириза најбезболно е ова прашање да го стави во мирување, како и дел од нивната програма за поделба меѓу црквата и државата.
– Извори од Независни Грци велат дека Сириза ќе ги почитува црвените линии на партијата за надворешната политика и за националните прашања, пренесува весникот „Та неа“.
На ред е формирање на новата влада која ќе мора да ја претстави програмата.
Засега кај Ципрас и кај Каменос нема никакви дилеми околи согласноста против мерките за штедење и договорот против „тројката“. (Крај)
извор: ОхридПрес/Мкд.мк фото: архива