Избор Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Отворени пријавите за спортскиот настан Охрид Ултра-Треил

Охрид, 12. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од денес, 12-ти декември 2019 година, па се’ до 15-ти мај 2020 година, љубителите на планината и трчањето ќе може да се пријават и да го закажат своето присуство на еден од најубавите спортски настани во државава – Охрид Ултра-Треил 2020.

Охрид Ултра-Треил е спортско-рекреативен настан во планинско трчање кој е отворен за сите уживатели во планината од најразлични возрасни категории. Истиот ќе се одржи од 22-ри до 24-ти мај 2020 година и ќе биде составен од три трки во планинско трчање во должина од 18, 66 и 107 километри.

Најкратката трка „Летница Треил“ со должина од 18 километри ќе биде наменета за почетниците и оние кои сакаат побрза трка со фантастични панорамски погледи од Висок Врв над градот Охрид. Средната дистанца насловена како „Галичица Ултра“ во должина од 66 километри ќе стартува од Св. Наум и ќе движи низ највисоките панорамски предели на планината, а за оние најискусните и кои се во потрага по вистинска деноноќна авантура, тука е „Охрид Ултра-Треил“ во должина од 107 километри, 5.000 метри висинско спуштање и качување и цели 27 часа време за финиш.

Трката од 107 километри засега ќе биде единствената ултра дистанца која се одржува во нашата држава, истата ќе стартува на 22 мај (петок) во 23 часот и ќе направи целосен круг од стариот град во Охрид, селата Велестово, Горно Коњско, Елшани, Трпејца, Св. Наум, Љубаништа, и повторно по високиот гребен на Галичица ќе слегува во Охрид каде финишира.

Минатата година „Охрид Треил“ го имаше своето премиерно издание со две трки од 60 и 35 километри на кои учествуваа 140 учесници. Македонија веќе од 2011 година со неколку трки во планинско трчање го следи овој тренд и има репертоар на настани кои привлекуваат се’ повеќе наши но и странски тркачи.
Охрид Ултра-Треил е настан во организација на здружение „Трекс” – Скопје и Асоцијација „Спорт за сите – Сите за спорт“ со поддршка од општина Охрид. Истите ги следат стандардите на ИТРА/ITRA – International Trail Running Association и ќе носат бодови за Ултра Треил ду Мон Блан 2021 – една од најпознатите трки на светско ниво.

Пријавите се веќе отворени на официјалната веб-страна www.ohridtrail.mk. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука