Избор На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ

Коцевска: Јас го промовирам здравиот начин на живот

Охрид, 17. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанката Весна Коцевска е избрана за највлијателен инфлуенсер во Македонија во категоријата здравје, на „Influencer Awards“, првиот избор на највлијателни личности на социјалните мрежи, во организација на списанието „Убавина и здравје“.

На нејзиниот Инстаграм профил @Whisper.Ves има над 12 илјади следбеници, а Story објавите во просек и ги погледуваат од 1.000 до 2.000 лица.

– Јас не промовирам апчиња или фармацевстки производи, туку го промовирам здравиот начин на живот, тоа подразбира здрава исхрана, повеќе време поминато на отворено, на свеж воздух, промовирам и суплементи во исхраната, кои сметам дека се значајни за здрав живот во ова динамично и стресно време во кое живееме, рече Коцевска, која беше гостин во емисијата Radio Corner на Супер радио.

По овој прв избор на највлијателни македонски инфлуенсери, многу се полемизираше околу терминот инфлуенсерство, што тој претставува, како и за луѓето кои се зaнимаваат со оваа работа. Се заработува ли од неа, за да може да се нарече професија и уште многу други теми прочитајте повеќе во интервјуто на Коцевска за Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Како започна Вашата приказна, како стигнавте до тоа да станете највлијателна личност на социјалните мрежи во категоријата здравје?

Коцевска: Мојата приказна почна пред две години кога го отворив lifestyle and travel блогот Whisper. Оттаму дојде и името на мојот Инстаграм профил Whisper.Ves. Сакав да споделувам фотографии од патувања кои ги постувам приватно, но и како туристички водич. Постепено објавите наместо на Facebook, почнав да ги правам на Instagram. Со тек на време, како што споделував објави, почна да расте и бројот на следбеници. Во моментов имам над 12 илјади следбеници, а во зависност од тематиката, објавите просечно ги гледаат од 1.000 до 2.000 луѓе.

Супер радио: На социјалните мрежи се споделуваа статуси: „Си измислија професија, па уште бираат и кој е најдобар во неа“. Прашањето дали во Македонија може да се заработува од објави на социјалните мрежи, веројатно го дава одговорот на прашањето може ли на инфлуенсерството кај нас да се геледа како на професија?

Коцевска: Да, може да се заработува. Ќе направам една споредба, на пример пред 2-3 години од инфлуенсерството можеа да заработуваат само неколкумина, оние медиумски популарните личности. Но денес, работите се променија и секој кој има желба, доволно креативност и време, може да работи и да заработува. За тоа потребни се голем број следбеници, потребно е време, потребни се многу труд и истрајност. Всушност како и во секоја друга професија, колку ќе се посветите на неа, од тоа ќе зависат и резултатите.

Супер радио: Инфлуенсерите кои соработуваат со одреден бренд се наречени бренд амбасадори. Како доаѓате до соработка со компаниите?

Коцевска: Иницијативата за соработка може да биде обострана. Јас конкретно кога некој производ или услуга навистина ми се допаѓа, правам објави, а од тие објави подоцна произлегуваат и понатамошни соработки.

Супер радио: Пред да поченете било каква соработка како бренд амбасодор, Instagram профилот треба да се „набилда“. Што значи тоа?

Коцевска: Тоа значи дека треба постојано да сте присутни на Instagram со нови објави. Пожелно е тоа да е на секојдневна база, но не мора да значи, може и на 2-3 дена да се објавува. За да се „набилда“ профилот треба да пред се време, но има други начини да се постигне тоа, како на пример со спонзорирани линкови, со организирање на наградни игри, односно популарните „give aways“ постови, кои поентата е да стигнат до што поголем број на луѓе. Според мене стилот и конзистентноста во објавите е многу значаен аспект, не само за да се привлечат нови следбеници, туку истите и да се задржат.

Супер радио: Оваа професија нема работно време. Како изгледа еден Ваш работен ден кога подготвувате објава?

Коцевска: Обврските ми се флексибини, немам работно време, но иако луѓето не го забележуваат тоа, сепак потребни се многу работа и време за да се дојде до крајниот резултат, кој на следбениците може да им изгледа многу спонтано Мојот принцип на работа подразбира се да ми е подготвено еден ден пред снимањето. Идејата, начинот на презентација на производот, локацијата, декорот, фотографот кој тоа ќе го направи, сето тоа го подготувам однапред, по што следи самата реализација на идејата. Објавите најчесто ги правам наутро, по што веќе размислувам за обврските околу следните објави.

Супер радио: Што очекуваат клиентите од Вашиот ангажман?

Коцевска: Најпросто речено очекуваат бројки. Компаниите преку овие објави очекуваат да се пробијат на пазарот, да се дознае за нивниот производ, односно да се зголеми неговата продажба. Инфлуенсерството е канал на маркетиnг, прeку кој може да се стигне до вниманието на многу луѓе, но на малку поинаков начин од клаисчниот маркетинг. Јас сум имала среќа во досегашните соработки да ја имам комплетната слобода околу тоа како ќе го преставам производот, а во сето тоа е многу важно да сте достојни на стилот на кој тоа го правите.

Супер радио: Впечатокот е дека македонските компании малку подоцна влегоа во овој тренд. Каков е потенцијалот за овој тип на маркетинг во Македoнија?

Коцевска: Во однос на развиените земји, точно е дека сме многу назад на ова поле, меѓутоа нештата почнаа многу брзо да се менуваат. Се појауваат се повеќе нови инфлуенсери, не би сакала да се гледаме како конкуренција, туку мислам дека треба да соработуваме и меѓусебно да си помагаме, затоа што колку повеќе инфлуенсерстово се развива кај нас, токлу повеќе и компаниите се вклучуваат во овој тип на маркетинг.

Супер радио: Сосема на крај, што значи да си health influencer?

Коцевска: Да не ме сфатат погрешно слушателите и читателите, јас не промовирам апчиња или фармацевтски производи, туку го промовирам здравиот начин на живот, тоа подразбира здрава исхрана, повеќе време поминато на отворено, на свеж воздух, промовирам и суплементи во исхраната, кои сметам дека се значајни за здрав живот во динамично време во каво што живееме. Тука се и сезонските промоции, на пример, во летна сезона за зашитата на кожата од штетните сончеви влијанија итн.

Eмисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука