Спорт

Македонските ракометари претрпеа пораз од Чешка 27:25,Французите испаднаа

Грац, 13. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Македонската ракометна репрезентација го претрпе првиот пораз на Европското првенство 2020, откако вчера загуби од Чешка со 27:25.

Бодрени од околу пет илјади навивачи кои „Штадхале“ ја обоија во „црвено-жолто“ капитенот Кирил Лазаров и соиграчите одиграа прво полувреме со цврста одбрана и само девет примени гола. Предноста од два гола (7:5) која беше создадена по дваесетина минути, македонските ракометари ја имаа уште во три наврати и ја задржаа до крајот на првиот дел кој заврши 11:9.

Целосно различна слика на почетокот на второто полувреме и по само седум минути Чесите негативата од два гола ја претворија во позитива од три погодоци (15:12). Следуваа два гола на Лазаров по што Македонија не реализира и напад за израмнување на резултатот. Чешка на 15 минути пред крајот повторно имаше плус три (18:15), а во 50. минута и 22:18. Со серија од 4:0 на Македонците, на семафорот во 55. минута стоеја четири двојки (22:22).

Драмата во последните пет минути им припадна на чешките ракометари кои направија голем исчекор кон следната фаза. Најефикасен играч на натпреварот беше Кирил Лазаров со 11 гола.

Со серија од 3:0 во последните минути од мечот, домаќинот на ЕП во ракомет, Австрија стигна до победа над Украина за да се искачи на првото место во нашата група Б со четири поени пред пресметката со Македонија, која ќе биде клучна за да се одреди вториот патник во втората фаза.

Од друга страна, најголемото изненадување на шампионатот, секако е елиминацијата на поранешните светски шампиони Франција, кои по шокантниот пораз од Португалија, загубија и од Норвешка со 26:28, додека импресивната Словенија успеа да ја победи Шведска со 21:19 за две победи во два меча во групата Ф. (Крај)

извор: Плусинфо фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука