Забава Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Македонскиот документарец „Медена земја“ со две номинации за Оскар

Лос Анџелес, 13. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Најнаградуваниот македонски документарец, филмот „Медена земја“ (Honeyland), што со победа во три категории лани триумфираше на престижниот филмски фестивал „Санденс“, доби две номинации за Оскар.

Американската филмска академија ги соопшти номинациите во 24 категории со петте кандидати во трка за „Оскар“ за 92-та церемонијата на доделување на престижната награда, која ќе се одржи на 9-ти февруари во Лос Анџелес.

Македонскиот документарец е номиниран во категориите: најдобар документарец и најдобар странски филм.


По победата на американскиот фестивал „Санденс“ минатата година, филмот имаше импресивна година со освоени голем број награди, номинaција за европски Оскар и блескави критики од најреномираните филмски критичари и медиуми.

„Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е филм за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси.
Земи половина од медот, половина остави за пчелите. По ова правило за баланс со природата се води Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Но, кога во нејзиното соседство ќе се досели номадско семејство-пчелари, таа се соочува со сериозен предизвик, да ги спаси пчелите и да ја зачува природната рамнотежа на земјата. Ако еден го прекрши правилото, сите ја плаќаат цената.

„Медена земја“ е втор филм со номинација за Оскар, по „Пред дождот“ на Милчо Манчевски во 1995 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука