Забава Избор ТОП ВЕСТИ

Васил Гарванлиев ќе ја претставува Македонија на Евровизија 2020

Скопје, 16. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Васил Гарванлиев ќе ја претставува Македонија на Евровизија 2020, што во мај ќе се одржи во Ротердам, Холандија.

Вака одлучи Програмскиот колегиум Македонската Радио Телевизија, која како активна членка на Европската радиодифузна унија го има правото на избор на учесникот.

Гарванлиев ѝ е познат на македонската јавност како детето што пред 28 години ја испеа познатата песна „Марионка“ на фестивалот „Златно славејче“. Евровизиската сцена нема да биде нова за него, со оглед на тоа што лани беше еден од придружните вокали на Тамара Тодевска, кога со песната „Proud“ го забележавме најдобриот пласман досега, седмо место.


– Од кога паметам за себе, музиката e сѐ што правам, за што постојам, а многу често беше и е единствената светла точка во мојот живот. И покрај тоа што имам долгодишно искуство на меѓународни сцени свесен сум за предизвикот и одговорноста што претстојат за време на овој глобален настан, особено после успешниот пласман со Тамара минатата година. Сакам накратко да се oбратам на сите тие кои сонуваат и не се откажуваат од нивните амбиции. Патеката не секогаш е лесна, но еден ден секој чекор изоден напред со вложен труд и искрена љубов кон тоа што го правите ќе вроди со плод. Не се откажувајте никогаш! подготвен сум за ова ново „патување” со отворено срце и искрена приказна, овој пат ветувам дека ќе дадам се од себе за мојата татковина, за сите нас!!! Се гледаме во Ротердам, напиша Гарванлиев на Facebook.

35-годишниот Гарванлиев е дипломиран оперски пејач, со кариера во поп и класична музика. Која песна ќе ја пее на 65-от Евросонг сеуште не се знае, бидејќи ќе се избере на конкурс што наскоро ќе го објави МРТВ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: FB

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука