Во пресрет на Водици, нуркачите го чистеа дното од Градското пристаниште од отпадни материи
Охрид, 16. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во пресрет на големиот христијански празник Богојавление- Водици, нуркачите од нуркачкиот центар „Амфора“ и Клубот за подводни дејности денес го чистеа дното од Градското пристаниште од отпадни материи.
– Целта на оваа акција е обезбедување на просторот каде што ќе се фрла светиот крст од разните отпадoци кои претставуваат потенцијална опасност за скокачите по крстот, потенцираат од „Амфора“.
Денес започна украсувањето на Охридското пристаниште и крајбрежниот потег, а во текот на утрешниот ден ќе бидат поставени верски знамиња и украсни знаменца во чаршијата и на улиците во централниот дел на градот, кои водат кон Градското пристаниште.
Во тек е и пријавувањето на капачите кои ќе го бараат чесниот крст во осветените води на Охридското Езеро. Сите заинтересирани граѓани, можат да се пријават во црквите „Свети Никола Геракомија“, „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ и „Свети Великомаченик Георги“. Евиденирањето на пријавените капачи ќе се врши заклучно со сабота, 18-ти јануари, до 17:00 часот.
Пријавените капачи ќе можат да ги извршат потребните медицински прегледи во поставените шатори на охридскиот Црвен крст, во сабота на 18-ти јануари, од 19:00 часот и во недела, на 19-ти јануари, во утринските часови, на денот на манифестацијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Амфора
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |