Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

СВР Охрид најавува безбедно и непречено одвивање на манифестациите за празникот „Богојавление Водици“

Охрид, 17. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со цел безбедно и непречено одвивање на манифестациите по повод верскиот празник „Богојавление Водици“, од Секторот за внатрешни работи од Охрид информираат дека ги преземаат сите неопходни безбедносни мерки на превентивен и оперативен план.

– Мерките се насочени кон зачувување на поволната и стабилна безбедносна состојба на целото подрачје во областа на јавниот ред и мир, спречување на казнени дела и регулирање на сообраќајот во централното градско подрачје и приградските населби. Верскиот празник „Богојавление Водици“ ќе биде обезбедуван и од полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ со присуство на полициски службеници во патролни полициски чамци. По повод верскиот празник Богојавление Водици, полициски службеници ќе вршат физичко и сообраќајно обезбедување на манифестациите и во охридските приградски населби но и во останатите градови на подрачјето на СВР Охрид каде се прославува верскиот празник. Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, врши известување до сопствениците на патнички и други моторни возила за дислокација на возилата од паркинг местата на булевар „Македонски просветители“ поточно од преесекот со „Партизанска“ кон кружната крстосница на кеј „Македонија“ и на дел од улицата „Коста Абраш“. Тука е предвидено поставување на возилата со приоритет како и шатори од Црвениот крст со неопходната опрема. На 19.01.2020 година од 06:00 часот до завршување на манифестацијата ќе има целосно затворање на сообраќајот за сите моторни возила освен за возилата со приоритет. Овој сообраќаен режим ќе важи и за 20.01.2020 од 10:00 до 16:00 часот, информираат од Секторот. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука