Избор Македонија

Нова средба од дијалогот „Жан Моне“ в петок

Скопје, 29. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Третиот дијалог  на лидерите на парламентарните партии во рамки на дијалогот „Жан Моне“ ќе се одржи в петок и сабота.

Во фокусот ќе биде собранискиот Деловник за кој во изминатиот период не беше постигнат договор. Се очекува на средбата да учествува и новиот известувач на Европскиот парламент за земјата, Илхан Ќучук и други европратеници.

Најголем дел од спорните точки во Деловникот беа усогласени. За опозицијата беше спорен начинот на избор на Генералниот секретар на Собранието како и усогласувањето на Деловникот со амандманите на Уставот, со кои Деловникот треба да го носи новото име на државата – Деловник на Собранието на Република Македонија.

Консензус е постигнат за тоа во Деловник да се ограничи времетраењето на конститутивната седница на парламентот, за да се избегнат блокади на тој процес.

Првата дебата се очекува в петок во парламентот, а потоа е предвидена и заедничка работна вечера на европратениците со лидерите на парламентарните партии: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, Алијансата на Албанците, Алтернатива и Беса.

На вечерата се очекува да стане збор и за трите столба врз кои ќе се базираат идните заеднички односи меѓу Европската унија и Македонија. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука