Забава Избор ТОП ВЕСТИ

Македонија ја отвора годинешната Евровизија

Ротердам, 29. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Македонскиот претставник Васил Гарванлиев ќе настапи прв во првата полуфинална вечер на Изборот за песна на Евровизија 2020, што од 12-ти до 16-ти мај ќе се одржува во Ротердам, Холандија.

Вака одлучи вчерашната ждрепка. На првата вечер ќе бидат изведени 17 песни од кои 10 ќе обезбедат место во финалето. Од поранешните ЈУ републики во иста вечер со нас настапуваат претставниците на Хрватска и Словенија.

Сеуште не се знае која песна ќе ја пее Васил на 65-от Евросонг, наскоро се очекуваат деталите околу изборот на песната и авторскиот тим.

Инаку 35-годишниот Гарванлиев, дипломиран оперски пејач, со кариера во поп и класична музика ѝ е познат на македонската јавност како детето што пред 28 години ја испеа познатата песна „Марионка“ на фестивалот „Златно славејче“.

Васил Гарванлиев ќе ја претставува Македонија на Евровизија 2020

Евровизиската сцена нема да биде нова за него, со оглед на тоа што лани беше еден од придружните вокали на Тамара Тодевска, кога со песната „Proud“ го забележавме најдобриот пласман досега, седмо место. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Eurovision/архива

 

 

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука