Забава Избор На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ

Милески: Животот е Колосеум и се’ може да се преточи во емоции

Охрид, 7. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Младиот охридски музичар, гитарист и композитор, Мартин Милески го издаде својот деби албум насловен „Colosseum full of emotions“.

Станува збор за 8 инструментални теми сметени на албумот, кои на некој начин претставуваат музичка биографска приказна, за загубата на прерано починатите родители, за старата и новата љубов, за трнливиот пат кон успехот, и сите падови и подеми кои Милески го направиле она што денес е.

– Насловот на албумот произлезе од мојата замисла за нашиот живот, како еден Колоесум, каде што ние нешто изведуваме, а всушност тоа е животот, во кој се може да се преточи во емоции, рече Милески, кој беше денешен гостин во емисијата „Евтини прикани“ на Супер радио. За инспирацијата, тимот и создавањето на албумот, како и за амбициите на Милески, повеќе во интервјуто за Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Впечатокот при првото преслушувањето на албумот е дека не случајно е насловен „Колосеум полн со емоции“. Навираат многу, и тоа различни емоции од сите 8 инструментални песни. Што Ве водеше и инспирираше при компонирањето?

Милески: Албумот на еден начин претставува биографска приказна, тежок и трнлив пат кој го изодив во минатите години. Албумот ја носи болката за моите прерано починати родители, ја носи емоцијата од губењето на саканите личности, па се’ до искрените детски насмевки и прегратки, старата и нова љубов, трнливиот пат кон успехот, и сите падови и подеми кои ме довеле до она што денес всушност сум. Секоја песна раскажува своја приказна, а сите тие настани ме доведоа до посакуваните тонови за да го компонирам моето првенче. Насловот на албумот произлезе од тоа што го замислувам нашиот живот како еден колосеум, каде што ние нешто изведуваме, а всушност тоа е животот, во кој се може да се преточи во емоции.

Image may contain: 1 person, sitting, beard and indoor

Супер радио: Инструменталниот израз на музицирање дава голем простор слушателот да учестувава во доживувањето на приказната. Размислувавте ли во одреден момент песните да добијат текст?

Милески: Кај нас инструменталната музика е поретко застапена и секако дека размислував, но на крај се одлучив за инструментална форма. Сметав дека на тој начин песните подобро ќе допрат до емоциите на слушателите.

Супер радио: Десет месеци по промоцијата на албумот за странски пазар, ја доживува и македонската промоција. Какви се досегашните реакции во врска со албумот од странскиот пазар?

Милески: Реакциите се одлични, презадоволен сум. Особено ми значи успехот на јапонскиот пазар, каде албумот се котираше на топ листа на најдобри независни изведувачи.

Image may contain: 1 person, sitting, beard and indoor

Супер радио: Каде се снимаше албумот и кој беше влучен во неговата реализација?

Милески: Албумот почнавме да го работиме од 2017 година, во студиото „Lunar Acoustix“ на Александар Јосифовски, кој воедно е и продуцент. На албумот исто така се слушаат звуците на Хендрик Зингер и Блаж Ангелков, кој е гостин на една песна на бас гитара и Мухамед Реџепоски на саксофон. Аранжманите на 7 од песните се дела од самиот продуцент Александар и секако мои, а еден од аранжманите е дело на, прерано починатиот, Андреј Лаброски. Со Јосифоски ова ни беше прв заеднички проект, но имаме и други планови за понатамошна соработка. Обвивката е дело на Александар Илиевски. Видео спот засега само песната „Secrets“, кој го објавиваме пред две години, како најава за албумот, но планираме видео спотови да добијат и останатие 7 песни од албумот.

Image may contain: 2 people, people sitting and beard

Супер радио: Ова е Ваше деби во компонирањето, но не и во музицирањето, охриѓани Ве познаваат како дел од многу кавер бендови кои свират низ локалите. Од кога и како Ви се роди љубов кон музиката?

Милески: Љубовта кон музиката ја наследив од татко ми. Како дете, во позитивна смисла речено бев многу, многу „труен“ со музика, од блуз, кој мене ми е најголема љубов, до метал, електронска музика итн. Сето тоа беше довоно за понатаму да бидам љубопитен во различни музички правци и музиката целосно да стане дел од мене. Посакував музиката да ми биде професија и среќен сум што денес тоа е така. И понатаму ќе свирам низ локалите со различни кавер бендови и со мојот авторски бенд „Side on“ во кој членуваат и Никола Силјаноски, Горан Силјаноски и Климент Боев.

Image may contain: 2 people, beard

Eмисијата „Евтини приказни“ се емитува во живо секој работен ден од 12:00 до 16:00 на Супер радио. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука