Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Поетите и „Култура 365“ и годинава го одбележаа роденденот на А. ден Долард

Охрид, 7. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со поетско читање денес беа одбележани 119 години од раѓањето на А. ден Долард, големиот холандски писател и вљубеник во Македонија.

Иако поминаа 25 години од неговата смрт, А. ден Долард и понатаму се смета за најголемиот промотор на Македонија во Кралството Холандија. Во периодот помеѓу 1931 и 1994 година тој објави бројни книги и новинарски статии, коишто беа инспирирани од неговите посети на Македонија.

Во просториите на КИЦ „Култура 365“, покрај постојаната изложба преку која накратко е објаснат животот на Долард, тука се изложени и негови оригинални книги.

– А. ден Долард како човек и писател има големо значење за холанѓаните, но и за нас македонците посебно за охриѓаните. Пред Втората светска војна тој овде ги согледува состојбите, животот, културата, па сé она што доживеал го запишал во своите книги и романи. Најзначаен за нас е „Свадбата на седумте цигани“ со што го изнесува Охрид како културно наследство, но и како поширока целина пред холандската читателска публика и со право до денес останува најверен и најголем промотор на македонците и Македонија. Секое лето среќаваме холанѓани кои го кажуваат неговото име,значи оставил некоја трага во времето и има големо влијание на холандско македонските односи на повеќе нивоа, не само во туризмот. Тој цел живот ја истакнувам и негувал љубовта кон Македонија,зборувал, пишувал за Охрид, потенцира на денешната свеченост Мишо Јузмески од КИЦ „Култура 365“.

Покрај присеќавање на делата и значењето на Долард, предавање одржа и проф. д-р Димитар Пандев.

Во 2011 година во просторот на „Култура 365“ беше отворена спомен собата со постојната поставка на фотографии и публикувани дела и извадови од книгите на А. ден Долард. Во 2012 година, Мишо Јузмески ја објави книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“, која беше преведена на холандски и англиски јазик. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука