ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ Хроника

Лицето кај „Лабино“ настрадало откако паднало од голема висина

Охрид, 7. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Денес во 13:46 часот, Планинската спасителна служба (ПСС) примила дојава од страна на СВР Охрид, за случена несреќа на карпест и тешко пристапен терен во месноста „Лабино“.

– Шестчлена екипа од ПСС, веднаш пристигна на местото на несреќата, но за жал, поради тежината на падот и сериозноста на повредите, беше невозможно да се направи било што за да се спаси животот на настраданото лице. По пад од голема висина, телото на настраданиот се наоѓаше во близина на езерската површина, каде со поддршка од пловен објект на граничната полиција, смртта ја констатира лекар од Итната медицинска помош по што беше спроведена соодветна увидна постапка за утврдување на причините за падот, информираат од Планинската спасителна служба.

Додаваат дека жалат за немилиот настан и апелираат до сите љубители на природата, да бидат особено внимателни, кога се движат на карпест и стрмен терен, каде поради ниските температури има појава на голомразица и постои опасност од подлизнување, со можност за сериозни последици. (Крај)

извор: ППС фото: ППС

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука