ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Тече рокот за изработка предлог решение за усогласување на режимите на заштита во Охридскиот регион

Охрид, 15. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Тече рокот од 10 дена што Владата на Република Македонија им го даде на надлежните министерства и општините да изработат предлог решение за усогласување на режимите на заштита на Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион.

Според најавите предвидено е и изготвување на акциски план за постапување по инвентарот на дивоградби. Покрај тоа Владата препорача и натаму да останат на сила одлуките за мораториум за градба во Охрид Струга и Дебрца, воведени во август минатата година, се’ до усогласување на постоечките планови со режимите за заштита.

Рокот на УНЕСКО за спроведување на 19-те препораки за заштита на Охридскиот регион заврши на почетокот на месецов, заедно со мониторингот на тројцата експерти на УНЕСКО, кој беше спроведен изминатите денови. Извештајот изработен од надлежните институции, во соработка со Владата, веќе е испратен во централата во Париз.

Централната власт засега е задоволна од тоа како тече реализацијата на препораките, локалната е свесна за слабостите, а екологистите сметаат дека ситуацијата на теренот не е променета и за да се реши проблемот со Охридскиот регион потребно е тој да биде ставен на листата на УНЕСКО за светско наследство во опасност. Само со таков „црвен картон“, според нив, би можело да се крене свеста кај надлежните за она што навистина му се случува на регионот. Министерот без ресор, Едмонд Адеми, кој е претседател на Националната комисија за УНЕСКО, во изјава за Нова ТВ, вели дека списокот со остварени препораки е доволен за овој регион да го задржи статусот, за што УНЕСКО ќе одлучува во јуни на Самитот во Кина. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука