Продолжен рокот за аплицирање на јавниот повик за старт-ап и спин-оф компании
Охрид, 21. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Продолжен е рокот за аплицирање на јавниот повик „Стартапувај 2“ на Фондот за иновации и технолошки развој, кој се однесува на кофинансирани грантови за новоосновани старт-ап и спин-оф компании.
Причина е зголемениот интерес, особено од студенти и млади од целата држава, па наместо до 25-ти овој месец, може да се аплицира до 15-ти март.
– Инструментот е наменет за финансирање на новоосновани, микро, мали и средни претпријатија (не постари од 6 години) –„старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија, во доминантна сопственост на македонски државјани (50,1% или повеќе), кои имаат иновативна идеја во фаза на „потврден концепт“ со солидно очекување за комерцијализација. Целта е поттикнување на иновативноста кај компаниите, имплементирање на иновативни решенија и поддршка на претпријатија кои имаат висок потенцијал за раст, како и пренесување на резултатите од научните истражувања во апликативни, односно комерцијални активности преку формирање на спин-оф претпријатија. Предвидени се средства во висина од 1,5 милиони евра. Со јавниот повик е предвидено ко-финансирање најмногу до 85% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30.000 евра. Преостанатите 15% од вкупниот буџет за проектот треба да бидат обезбедени од апликантот (средства добиени од Фондот по која било друга основа или која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за ко-финансирање од страна на апликантот), истакна на инфосесијата што неодамна се одржа во Охрид Соња Андова од Фондот за иновации и технолошки развој.
Досега биле преземени се преземени над 750 апликациски пакети.
Само во рамки на инструментот „Стартапувај“ кој е наменет за кофинансирање на новоосновани старт-ап и спин-оф компании се поддржани 85 компании во кои се вложени 2,4 милиони евра. Што се однесува за Охрид засега има 11 компании кои коиристат средства од Фондот, но само една е старт-ап компанија
Во однос на портфолиото на ФИТР, од 320 корисници, во моментов вкупно 168 стартап компании користат средства во рамките на различни инструменти, со поддршка од околу 12 милиони евра, во кои спаѓаат и компаниите ко-финансирани од инструментот Стартапувај. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |