ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ На кафе со... Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Неџиќ: Охрид нуди идеални можности за летните и зимските подготовки на младинците на ФК „Црвена Звезда“

Охрид, 21. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Младинската екипа на еден од најпознатите фудбалски клубови на Балканот и многу пошироко, ФК „Црвена Звезда“ во период од четири години ќе одржува тренинг кампови во елитниот охридски хотел „Аквалина“.

Договорот бешепотпишан во Белград на крајот на декември минатата година.  Во периодот кој следи во Охрид ќе доаѓаат млади и надежни фудбалери од сите категории на школата и ќе ги одработуваат зимските и летните подготовки. Во Охрид се веќе две екипи кадети на „Црвена Звезда“ и младинците од Б екипа, односно „Графичар“.

За основањето и функционирањето на младинската школа, за идните планови и зошто го избраа Охрид како место за одржување на тренинг кампови, во хотелот „Аквалина“ разговаравме со Марко Неџиќ, прв тренер на кадетите на ФК „Црвена Звезда“.

Супер радио: ФК „Црвена Звезда“ е клуб со долгогодишна традиција, кој е успешен, не само на просторите на поранешна Југославија, туку и во цела Југоисточна Европа. Кажете ни од кога функционира младинската школа?

Неџиќ: Оваа младинска школа постои речиси од основањето на ФК „Црвена Звезда“ во 1945 година кога од клубот ја соорганизирале младинската школа и кога почна да работи, многу луѓе пристапиле кон „Црвена Звезда“, така почнаа да доаѓаат и деца, тоа е долгогодишна традиција. Младинската школа сега доби малку ново издание, сега со нов директор на клубот Звездан Терзиќ, директор на младинската школа е Драган Младеновиќ и главен тренер Никола Јелиќ. Тие доведоа воглавно млади луѓе кои ги школуваат талентирани тренери, кои буквално по цел ден се на стадион и работат.

Супер радио: Кои се возрасни категории ги има и колку млади надежни фудбалери поминале низ оваа школа?

Неџиќ: Со последната реорганизација, во последниве три години деца од 6 години веќе се запишуваат во „Црвена Звезда“, доаѓаат од цела Србија, покриена е не само Србија туку и регионот на поранешна Југославија, така што веќе од седум години па до прв тим, сите возрасни категории се тука.

Супер радио: Вакви тренинг кампови имате одржувано на повеќе места, сега изборот падна на Македонија и Охрид. Значајни фудбалски имиња од Македонија ја одбележаа историјата на клубот. Кај нас во Охрид и други екипи одржувале подготовки и кампови. Како беше донесена одлуката, што ве привлече да дојдете тука?

Неџиќ: Младинската школа секоја година оди на летни и зимски подготовки. Секако ФК „Црвена Звезда“ секогаш има спонзори, сепак е голем клуб, најголем на Балканот. Наш член беше легендата од Македонија, Дарко Панчев – Златната копачка, кој даде гол во финалето кога бевме прваци на Европа. Минатата година подготовките беа во Терме Чатеж во Словенија, сега од оваа година потпишавме договор со хотел „Аквалина“, така што четири години ќе трае нашата соработка и зимски и летни подготовки. Тука се добри условите, на зима да се дојде во дестинација каде може да се тренира, да се погодни услови, бидејќи на зима во Белград е многу поладно, можни се и временски непогоди, така што зимските подготовки се овде иделни.

Супер радио: Потпишаниот договор со охридскиот хотелски бренд „Аквалина“ ви е на 4 години. Со која динамика ќе доаѓаат тука младите спортисти?

Неџиќ: Според договорот, ние сме овде осум дена, следната група што ќе дојде ќе биде седум дена. Во оваа група се две екипи кадети на „Црвена Звезда“ и младинците од Б екипа, односно „Графичар“, тоа е моментално филијала на „Црвена Звезда“ кои се натпреваруваат во Втората лига на ниво на држава, каде моментално се први и веројатно ќе влезат во Прва лига, каде ќе играат покрај останатите клубови. Тоа е еден клуб, еден процес, еден пат, бидејќи цел на младинската школа е развој, еден пат преку Б екипа да се дојде до првиот тим.

Супер радио: Кои сега познати фудбалери произлегле од младинската школа?

Неџиќ: Да,имаме, особено во последните пет години, излегоа браќата Илиќ, кои потпишаа за Манчестер Сити, голманите Рајковиќ и Манојловиќ, сега се дел од првиот тим и дадоа гол Вељко Николиќ, Гајовиќ исто е во првиот тим Богдан Јоциќ отиде во Верона, во Италија. Многу играчи излегуваат од младинската школа и сé повеќе им се дава шанса, а јас мислам дека особено со оваа наша генерација 2003 која ја предводам веќе трета година, мислам дека има доста играчи кои ќе можат да конкурираат за прв тим.

Супер радио: Кои се плановите во иднина на младинската школа?

Неџиќ: Најголеми планови на младинската школа се развој на играчи за прв тим, затоа е и направена филијалата „Графичар“, преку неа да се оди што побрзо во првиот тим. Секако, „Црвена Звезда“ е најголем клуб и од нас се очекуваат резултати, да се биде прв, а тоа се подразбира и мислам дека преку развој тоа може да се постигне. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука