Спорт

ЛШ: Сити во Мадрид, Лион го пречекува Јуве

Мадрид, 26. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Првата рунда од дуелите во осминафиналето во фудбалската Лига на шампионите завршува вечерва со средбите меѓу Реал Мадрид-Манчестер Сити и Лион-Јувентус.

Соочувањето меѓу мадридските „Кралеви“ и манчестерските „Граѓани“ секако е еден од најпривлечните во осминафиналето на најелитното континентално натпреварување, или како што го нарекоа медиумите судир „old money vs new money“.

Досега Реал и Сити меѓусебно играа четири пати, а тимот од Манчестер не ја вкуси сласта на победата. Зинедин Зидан го пречекува Пеп Гвардиола со една мини криза во играта на своите избраници. Реал во последните два меча е без победа, и со само една победа во последните четири натпревари. Сити, пак, врза две победи по двата последователни пораза. Меѓутоа, „Граѓаните“ се сериозно вознемирени од одлуката на УЕФА следните две сезони да бидат исклучени од Лигата на шампионите. Голема врева подигна и самиот Гвардиола со изјавата дека ќе добие отказ доколку не го мине Реал.

Во вториот дуел на вечерта, Лион ќе бара сензација против италијанскиот првак Јувентус. Иако торинската „Стара дама“ сезонава е далеку од очекуваните игри, француските „Лавови“ тешко ќе може да ја минат оваа пречка. Досега играаа четири пати, Јувентус има три победи, а еден дуел заврши без победник.

„Јувентус е фаворит, но тешко е да се очекува дека Лион ќе се предаде без борба. Лион има прекрасни навивачи и многу талентирани млади играчи кои ќе сакаат да се докажат“, изјави Леонардо Бонучи, стоперот на тимот од Торино.

Стратегот на Лион, Руди Гарсија, добро го познава противникот од Серија А, бидејќи три години ја водеше Рома.

„Гарсија одлично го познава италијанскиот фудбал. Знае како да им пристапи на одредени мечеви и сигурно има искуство како да ѝ се спротистави на нашата екипа. Лигата на шампионите е посебна, мораме да бидеме претпазливи“, додаде Бонучи.

Целиот текст овде

извор: Нетпрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука