Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Филипче: Парцијално позитивен тест за корона кај уште една жена, се прават дополнителни тестирања

Скопје, 27. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Откако вчера беше потврден првиот случај на пациентка со корона вирус во Македонија, денес се испитува уште еден можен нов случај.

Имено вчера на Инфективната клиника во Скопје се јавиле уште две лица, информира денес министерот за здравство Венко Филипче.

– Првиот случај е маж, возач на камион кој патувал низ северна Италија со знаци на грип. Неговиот тест е негативен на коронавирус. Во вториот случај се работи за жена која со сопругот била на кратка прошетка во Рим. Кај неа тестот во една третина е парцијално позитивен што може да биде вкрстена реакција од други вируси и затоа се прават дополнителни тестирања на широка палета на вируси, иако верувам дека и овој тест ќе биде негативен, рече Филипче.

Пациентката кај која беше потврден корона вирусот се чувствува добро, има лесна форма на клиничка слика и се наоѓа во одделот за изолација на Инфективната клиника. Тој посочи дека во текот на вчерашниот ден биле исконтактирани сите патници од комбето со кое таа патувала од Италија кон Македонија, сите се во соодветна изолација во домашни услови.

– Направен е контакт со сите лица со кои контактирале овие патници. Телефонски се исконтактирани сите и укажано им е дека треба да почекаат денеска да бидат контактирани од екипите на епидемиолози и од припадниците на МВР. Кај дел интервјуата се завршени. Добро е што скоро сите укажуваат на тоа дека немале конаткт со голема маса на луѓе, пред сé контактите се во рамки на семејствата, во куќите во кои живеат или во дворовите. На сите ќе им биде назначена изолација, потенцира Филипче.

Додаде дека за 13:00 часот е закажан состанок на Комитетот на кој со полициските припадници треба да се договори дали согласно условите на изолација, ќе продолжи домашната изолација или лицата ќе бидат пренесени во претходно утврдени центри со инфективни одделенија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука