ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ

Наумоски: Мини акумулации кои ќе ги напојуваат со вода природните езера како решение за наглите намалувања на водостоите

Охрид, 27. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – „Преспанското Езеро пресушува“, „ Да се најде решение за спас од еколошка катастрофа на Преспанското Езеро“ се само дел од насловите кои периодов кружат во јавноста, а се поврзани со драстичниот пад на водостојот на Преспанското Езеро.

Како причини за губитокот на вода колку две Дојрански Езера беа посочени сушниот период и климатските промени. Граѓаните покренаа и он-лајн петиција, а надлежните за следната недела најавија координативна средба на национално ниво.

За актуелната состојба, причините кои довеле до ова, кои мерки да се преземат и дали сето ова ќе има влијание на Охридското Езеро разговаравме со дипломираниот инженер агроном, експерт по аграрна екологија Лазо Наумоски.

Супер радио: Периодов е актуелна темата околу водостојот на Преспанското Езеро. Се споменува дека ова е досега најголемото опаѓање на нивото на водата на Преспанското Езеро. Што според Вас е причината?

Наумоски: Ако направиме споредба меѓу Охридското и Преспанското Езеро ќе констатираме дека Преспанското е оптоварено со искористувањето, затоа што во тој дел има претежно аграрно место, во Грција, Албанија и Македонија, Преспа е прочуена по развојот на овоштарството. Преспанското Езеро го користат и за наводнување. Друго нешто што е многу важно се климатските промени кои ни се случуваат, со покачувањето на температурите се зголемува испарувањето. Охридското Езеро испарува 350 милиони м³ водена пареа во атмосферата, а вкупната езерска површина е 358 км² заедно со албанскиот дел. Преспанското е помало и испарува над 200 милиони м³ водена пареа. Тоа се работи кои влијаат. Наводнувањето да се стопира, да не се користи тоа може да се конторолира, но испарувањето не можеме ни да го контролираме, ни да го запреме. Значи тука спаѓаат сите еко системи на планетата Земја кои користат вода со доток од самото сливно подрачје, тогаш ќе се соочиме со повлекување на водата на самиот екосистем. Истото ова што се случува со Преспанското, се случува и со Мавровско Езеро, сушни периоди, немаме дождови, а испарувањето е процес кој се одвива, водената маса се намалува и езерото се повлекува.

Македонско еколошко друштво: Климатските промени сериозно се отсликуваат во Преспанското Езеро

Супер радио: Какви се движењата на нивото на езерото низ годините?

Наумоски: Нивото на водата во Преспанското Езеро се намалувало и зголемувало. Карактеристични години кога е забележано поголемо повлекување биле 1941, 1948 и 1968 година. Кога ќе се формира ова големо езеро, кога ќе се покачи нивото на водата во Охридското Езеро се создава едно големо Преспанско Езеро. Кога ќе се намали водата на Преспанското се создаваат големо и мало езеро, а тоа е под влијание на Перовска река. Малото е повисоко околу три метри, па самата вода се влива во големото Преспанско Езеро, тоа се карактеристики кои се јавуваат. Многу е важно да се каже дека Преспанското Езеро преку водите од изворите во Свети Наум се прелева во Охридско Езеро и со тоа ако од една страна се оптоварува со климатските промени од друга страна и со истекот, се намалува нивото на Преспанското.

Супер радио: Граѓаните бараат спас за Преспанското Езеро и преку онлајн-петиција. Чистата вода со која се „храни“ Охридското Езеро, главно доаѓа од карстните терени на околните планини. Колку ќе придонесе ваквата иницијатива?

Наумоски: Ако нешто треба да се направи, треба да размислат локалните власти на сите еко системи во Македонија, како на природните така и на вештачките езера. За природните езера, Владата и локалните власти треба да донесат одлука шумите во конкретното осливно подрачје каде се наоѓаат езерата да се прогласат за заштитени шуми и шуми со посебни намени и да не се сечат. Со климатските промени се случуваат многу работи и знаеме дека на она место каде има шумска вегетација се создаваат услови водата да се задржи повеќе во тоа мести и истекот и испарувањето да биде забавен, односно сите оние извори кои се вливаат во еко системите бидат активни во текот на целата година. Понирањето на водата во тие еко системи од шумските површини ќе биде постепено во текот на цела година, значи опаѓањето ќе биде забавено и ќе се одржува една стабилна ситуација. Тоа е една од главните особини кои треба да ги донесат централната и локалните власти, затоа што еден хектар шумски зелен појас на годишно ниво акумулира 2500 м³ воден талог. Владата треба да воведе субвенции за оние лица кои имаат шумски зелен појас не помалку од еден хектар за да ги одржуваат шумите и да се развива алтернативниот туризам.

Супер радио: Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека ја следат состојбата и се преземаат активности во рамките на ингеренциите, а за следната недела најавија тематска координативна средба на национално ниво. Што воопшто може да се преземе?

Наумоски: Јас сум експерт по екологија и има две работи, длабинска екологија и друга која е понесериозна. Ако едно министерство работи на длабинска екологија мислам дека ќе го реши случајот. А длабинска екологија е онаа што ги опфаќа сите проблеми. Ако само го погледниме езерото, велиме дека ќе направиме нешто, тоа може да бидат резултати за краток временски период или воопшто да нема резултати. А со длабинската екологија ќе се реши проблемот, значи шумата да се заштити, да се заштити самото езеро и со еден збор речено ако има шумски зелени појаси во едно сливно подрачје со оглед на тоа што користи CO2 ос атмосферата ќе се спротивставиме на климатските промени, да бидат поублажени и да не остават некои полоши влијанија врз еко системите.

Супер радио: Дали ова ќе се одрази на нивото на Охридското Езеро?

Наумоски: Сега е добро што НП „Галичица“ донесе одлука да не ги сече шумите на планината Галичица, нешто што јас го барав можеби пред 20 години. Не може неационален парк да ја сече шумата за да би опстојувал. Водите кои се вливаат во Охридското и Преспанското Езеро од НП „Галичица“ тоа се води кои го продолжуваат векот на опстојување на двете езера. Охридското било во склоп на Десаретско Езеро, кое се протегало од Пресека. Самата вегетација која се развивала таму, ја променила pH вредноста на водата, односно довело да закиселување. На местото каде се протегало Десаретското Езеро почнале да се прават процепи и водата да се повлекува надолу. Кога дошло во охридскиот дел, благодарение на водите од планината Галичица, богати со калциум кои не дозволиле да се промени pH вредноста останал овој дел на Охридското Езеро. Треба да бидеме благодарни на планината Галичица, таа ни подарила да опстане ова езеро. Истото важи и за Преспанското Езеро. Преспанското е повисоко од Охридското за 150 метри надморска висина. Оние води кои се вливаат од Галичица во Преспанското Езеро тоа се води кои се од горниот дел на планината каде има тревеста вегетација, нема шуми. Сите води кога треба да дојдат во Преспанското Езеро од планината Галичица имаат краток период на опстојување, се губат затоа што водата испарува во тој дел, а протокот на изворите ќе биде со многу краток временски период. Кога ќе се изгубат овие води тогаш постои опасност да се намали нивото на водата и друга опасност е што Преспанското има дел и во Албанија и Грција и може да се направат процепи и да има уште поголемо намалување на водостојот, а планината Галичица не го дозволува тоа. Во преспанскиот дел планината Галичица треба да биде пошумена до највисоката кота. Како едно мое крајно решение за кое треба да се размисли, со оглед на тоа што климатските промени ќе бидат уште поинтензивни, во сливните подрачја да се направат мини акумулации кои ќе служат за напојување со вода на природните езера, а во насока да се спротивставиме на климатските промени. Јас веќе работам на еден проект кој ќе го изложам во скоро време, за Охридското Езеро предвидувам три мини акумулации во Дебрца, во Радомирово и во Годивје. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука