март 16, 2020

Охрид, 16. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Важна е колективната свест во време на коронавурусот, вели Диме Петрески, пoранешен член на охридското музичко дуо „З’ш“, кој веќе 17 години живее во Италија.

Диме, заедно со Жанко Голабоски, на крајот на деведесетите беа познати по песните „Божанче“, „Моме македонче“, „Штрафта мачка“ со шеговити текстови, но и по пародиите на хитовите на домашните пејачи. Своевремено, тој беше и водител на бројни емисии на Супер радио.

Со сопругата Ирена и со ќерките Сандра (16) и Маја (10), Петрески живее во Болцано, во областа Алто Адиџе. За Женски магазин, Диме одблиску ја раскажа состојбата откако се во домашна изолација по масовното ширење на Ковид – 19.

– Да бидам искрен, поопасно е во Ломбардија, но и овде состојбата воопшто не е наивна. Има стотина заболени од коронавирсот, и четири смртни случаи на лица над 90 години. Сопругата и ќерките се во домашна изолација, а јас морам да одам на работа, затоа што сум возач- дистрибутер на млеко во една млечна индустрија, но строго со ракавици и со маска. Работат само маркетите и аптеките. Ќерките се постојано дома, учат онлајн. Во тинејџерски период се, и веќе ги фаќа нервоза, но овој период мора да се издржи. Сопругата исто така е дома, таа работи во еден едукативен центар. Единствен излез од дома ни е до маркет ако имаме потреба да купиме нешто, секако заштитени со маски и со ракавици. Има строги правила кои мора да се почитуваат. Во продавница или во маркет, примаат максимално до десет луѓе. Ако во моментот кога ќе стасаш во маркетот веќе има десет луѓе, се чека ред надвор, но задолжително на оддалеченост од минимум еден метар од човек до човек. Откако ќе испазариш, се враќаш дома, има строга полициска контрола. Исто така, ако сакаш да ја напуштиш општината, не можеш да заминеш никаде без дозвола од полицијата, вели Диме во телефонскиот разговор од Италија за „Женски магазин“.

Комплетното интервју ОВДЕ. (Крај)
извор: Женски магазин фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука