ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Од „Акватек“ го чистеа дното на езерото на Светскиот ден на водите

Охрид, 22. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со ЕКО акција за чистење на дното на Охридското Езеро од отпад, од Нуркачкот центар „Акватек“ го прославија Светскиот ден на водите, кој се одбележува според календарот на Обединетите нации.

– Денес, на Светскиот ден на водите ја спроведовме акцијата кај „Сараиште“, на длабочина од околу 5 метри и при температура на водата од десетина степени. Испраќаме порака да не се фрла отпад во водите, а до граѓаните да останат дома и да се почитуваат пораките за спречување на ширењето на коронавирусот COVID-19, порача нуркачот Никола Паскали од „Акватек“.

За да може да се справи општеството со кризата за вода и да го овозможи правото на вода, Обединетите нации го признаа правото на вода како елементарно човеково право за обезбедување чиста и здрава вода за пиење. Водата е основата за постоењето на живот на планетата Земја, а чистата вода за пиење и за одржување на хигиената е неопходна за одржување на животот и здравјето на целиот жив свет.

Сепак, правото на вода не е еднакво достапно за секого. Приближно 900 милиони луѓе во светот немаат пристап до чиста и здрава вода за пиење, додека 2,5 милијарди луѓе немаат нормални услови за одржување на својата хигиена. До средината на овој век дури седум милијарди луѓе ќе бидат соочени со недостиг на вода бидејќи бројот на жители на Земјата расте, а водените ресурси се намалуваат – алармираат експертите.

Помалку од 1% од водата на земјата е употреблива за пиење. Како што расте бројот на населението во светот, се зголемуваат и потребите од вода за пиење.

До 2025 година две третини од човештвото ќе почувствува сериозен недостиг на вода, предупредуваат експертите од Обединетите Нации. Според најцрните прогнози се приближуваме до периодот кога ќе се војува поради питка вода бидејќи дури над една милијарда луѓе нема пристап до здрава вода за пиење, 2.5 милијарди немаат соодветен водовод и канализација, а секоја година поради недостиг на вода умираат 1,6 милиони луѓе. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Акватек

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука