Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Корона Прашалник Охрид ТОП ВЕСТИ

#SediSiDoma: „Корона прашалник“ со д-р Никола Митровиќ – Бабе на OhridPress

Охрид, 6. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни охриѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин и со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со Доц. д-р Никола Митровиќ – Бабе.

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Митровиќ: Мора да се признае дека карантинот барем за нас преставува нешто невообичаено со оглед дека досега сме немале таква пракса. Барем сега можеме да согледаме колку многу ни значи здравјето на сите нас, како и слободата на движење. Морам да потенцирам дека во целост се придржуваме до мерките кои ги даваат здравствените работници, но и полициските и барем во тој дел сме во целост дисциплинирани. Со оглед дека имам две мали ќерки сега порано легнуваме и порано стануваме. Дури тоа ме потсеќа на моето детство, кога после 19:15, односно после тогашниот цртан филм веднаш легнуваме. 🙂 Во поглед на информациите за епидемијата COVID-19 се трудиме барем еднаш да направиме пресек од медиумите и да согледаме за целосната ситуација која се надевам дека ќе помине што подобро и што побрзо.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Митровиќ: Низ изминатиов период започнавме многу заеднички активности за кои добивме дури и навика… Задолжително е гледањето на цртаните филмови преку целиот ден со оглед дека далечинскиот управувач е во најмалата ќерка Кирјана. Но сето тоа се заменува кога ќе дојдат во мојата работна соба која гледам им е поомилена и од нивна детска соба и чепкаат по книгите и некои мои предмети со огромна радозналост. Тоа е пракса од два часа… тука се и активностите кои ги добиваат од нивните воспитувачи од градинка за кои позадолжена е мојата сопруга Ана. Активности од доменот на ликовно… рецитаторство и слично што исто така одзема дел од времето па полесно и поинтересно поминува денот. Особено интересен беше делот околу маскирањето за денот на пролетта и 1 април како и снежниот ден.

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Митровиќ: Во однос на читањето на книги, карантинот навистина ми е како добредојде, бидејќи мојата професија бара многу читање на книги… Па, во овај период за сите оние љубители на нашиот град би им ги препорачал двете монографии за Охрид од ИНИ… или патеписите на Евлија Челеби. Да не бидам скромен може и некоја од моите книги 🙂. Одличен период е и за секој оној кој ги нема гледано петте епизоди за нашиот град Охрид кој ги работевме со Илија Пиперкоски. Тој веќе го имаше тој проект… исто така може да ги гледаат како серија- епизодите „Охрид од понапред до денес“, а веќе напишани се текстовите и сценариото за наредните 20 нови епизоди. Особено беше добар проект сниманиот дел за малото охридско пристаниште кој наиде на многу позитивни реакции и носталгија благодарејќи на вашиот медиум, па и тоа го препорачувам. За музика нема што многу да должам само нека слушаат Супер радио… тоа е репер за добра музика, но кога веќе морам тогаш би го издвоил Дуке Бојаџиев или некои рецитали од според мене големиот Раде Шербеџија.

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење на семејството Митровиќ за полесно да помине карантинот?

Митровиќ: Историчарите одсекогаш имаат проблем со конзумирањето на храна со оглед дека немаат некоја посебна физичка активност… туку мисловна, па затоа мора да се внимава на исхраната, особено во овој период. Сега со оглед на тоа што имаме повеќе време правиме јадења за кои е потребно повеќе време, бидејќи луксузот наречен време претходно ни недостасувал. Особено фамилијарно многу пати овие денови ги практикуваме палачинките. Особено интересен им е начинот на приготвување на моите ќерки Кирјана и Христиана, а ги комбинираме со разни намирници.

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?

Митровиќ: Да, искрено се надеваме дека сево ова многу брзо ќе помине па ќе можеме да размислиме за многу работи кои епидемијава на некој начин не посочи да размислуваме како слободно движење, значението на што повеќе време поминато со своето семејство, помош за оние на кои им е најпотребна, солидарноста и сл. Ако веќе мора да издвојам што прво би направил тоа е пиење на утринско кафе во терасата „Аквариус“. На крај особено би им се заблагодарил на сите оние кои се во првите „борбени“ редови, особено на здравствените работници, но и на секој еден кој на било кој начин помага во справување со епидемијата наречена Корона. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука