Спорт

Мекларен ги прати вработените на принуден одмор, шефот стравува за иднината на Ф1

Лондон, 6. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Мекларен стана првиот Формула 1 тим кој реагираше на кризата со корона вирусот и одложувањето на стартот на сезоната, со праќање на дел од вработените дома и со намалување на платите на своите возачи. Шефот на тимот Зек Браун, пак, во интервју за „Би-би-си“ призна дека Ф1 е во „необична“ позиција која се заканува за иднината на спортот.

По низата откажувања или одложувања на трките, Мекларен побара од дел од вработените да земат принуден годишен одмор, додека тие кои ќе продолжат да работат ќе добиваат помали плати. Двајцата возачи на тимот, Карлос Саинс Јуниор и Лендо Норис, пак, доброволно ги намалија своите плати.

„Мекларен групацијата привремено ќе прати дел од членовите на тимот на принуден одмор за да ги намали трошоците за време на пандемијата. Го правиме ова за да ги зачуваме работните места на краток рок, за работниците да се вратат на својата работа по опоравувањето на економијата“, се вели во соопштението на тимот.

Шефот на тимот, Зек Браун, пак вели дека за да се „преживее“ корона вирусот, Формула 1 мора да направи големи промени пред утрешниот состанок на шефовите на Ф1 на кој ќе се разгледуваат мерките за штедење.

„Ситуацијата е потенцијално уништувачка за тимовите, и ако биде така за повеќе од два тима, тоа се заканува на Формула 1 како спорт. Во 2021 ќе имаме ограничување на буџетот од 175 милиони долари, но таа сума мора да биде пониска. Не треба да исчезнуваат Формула 1 тимови“, вели Браун. (Крај)

извор: Топспорт фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука