Спорт

УЕФА го демантира својот претседател

Нион, 6. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин, во саботата најавил дека најдоцна на 3 август ќе биде одиграно финалето во Лигата на шампионите. Сепак, УЕФА сега порачува дека претседателот не го прецизирал датумот ниту, пак, определувал рокови.

Германската телевизија ЗДФ објави дека Чеферин рекол дека европските купови ќе мора да завршат најдоцна до 3 август, но и дека УЕФА е флексибилна поради новонастанатата ситуација.

УЕФА преку соопштение негира дека Чеферин зборувал за некакви крајни датуми.

„„Претседателот беше многу јасен дека нема датуми ниту крајни рокови. УЕФА во моментов ги анализира сите опции како да се завршат националните првенства и сезоната во Европа. На овие теми соработуваме со националните лиги и Асоцијацијата на професионални фудбалери. Работната група ја формиравме на 17 март. Примарна цел на работната група е да се сочува јавното здравје. Исто така задача е да се најдат решенија во календарот за да завршат првенствата. Во моментов се разгледува опцијата натпреварите да се играат во јули и август, секако доколку тоа го дозволат властите“, пишува во соопштението.

Лигата на шампионите и Лига Европа застанаа во осмина-финалето кога коронавирусот почна да се шири во Европа. (Крај)

извор: Топспорт фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука