Избор Охрид Хроника

Гореа шупа во Рача и шумска вегетација кај Вапила и Расино

Охрид, 23. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – Охридските пожарникари денеска интервенираа при два поголеми пожари што избија во населбата Рача и во шумскиот предел помеѓу селата Вапила и Расино.

Тие гаснеа пожар во населбата Рача каде гореше шупа полна со отпадни материјали. Како што информира командирот на Територијалната противпожарна единица Спасе Прентоски, пожарот бил пријавен во 17 часот и 10 минути по што дежурната екипа веднаш излегла на терен.

– Се работи за шупа изградена како цврста градба која беше преполна со отпад. Веднаш по пријавата, противпожарната единица се упати на местото каде што излегуваа пламените јазици и пожарот е изгаснат. Нема човечки жртви, но е причинета материјална штета, вели Прентоски за Супер радио.

Како што додава тој, пред малку уште една екипа се врати од шумскиот предел помеѓу охридските села Вапила и Расино каде избил пожар на шумската вегетација.

– Овој пожар се ширеше во шумскиот дел помеѓу селата Вапила и Расино а беше пријавен денеска во 12 часот и 15 минути. Гореше ниска вегетација. Со оглед на тоа што се работи за стрмен предел, пожарникарите дејствуваа во отежнати околности, но сепак успеаја да го локализираат пожарот. Тој е ставен под контрола и е пред ликвидација, појаснува командирот на Охридската противпожарна единица Спасе Прентоски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука